Колорит на бои и на силни емоции за Балканска музичка традиција, вака се опишува соработката за новата инструментална композиција со видео запис на македонскиот  кларинетист Благојче Трајковски и гадуларката Христина Белева, како и светски познатиот хор „Вања Монева“ од Бугарија.

„Сон“ е авторска творба на Благојче Трајковски со уникатен аранжман на Маестро Димитар Христов. Дел од звукот за нумерата се снимала во Бугарија од страна на Алекс Нушев, а дел во Скопје кај Дејан Момироски.

Видеото се снимало во напуштена куќа во Софија, во режија на Ханис Багашов македонски млад режисер во соработка со Владимир Трифонов и Иван Златев, а за костимографијата се погрижи дизајнерот Андреј Папаз.

Ова е за мене еден многу важен и посебен дел во мојата кариера. „Сон“ е композиција која настана во еден здив и верувам дека и секој слушател така ќе ја доживее. Христина е уникатен инструменталист со посебна душа, хорот на чело со диригентката Вања Монева е силна музичка институција и затоа за мене е голема чест што соработуваме и создаваме вредни музички документи. Многу се радувам за сето ова што го работиме заедно со господинот Христов и срдечно му се заблагодарувам за целата енергија и професионализам. Во блиска иднина следува уште многу музика и споделување на нашите импресии и емоции, вели Благојче Трајковски.

Како и со претходната нумера „Трепет“, така и со оваа, Благојче Трајковски и Димитар Христов со својата музичка посебност и неверојатното чувство за музичкиот фолклор и традиција покажаа дека се одличен тандем во создавањето на богата и посебна музичка уметност која што многу ќе служи за понатаму.

Гадулрката христина Белева е една од најистакнатите инструменталисти на Балканот. Во нејзината професионална лична карта забележуваме многу концертни настапи насекаде низ светот, како солист и како дел од многу музички формации. Таа е дел од Оркестарот за народна музика на Бугарското Национално Радио. Хорот „Вања Монева“, под диригентската палка на Вања Монева е една исклучителна музичка формација со многу успешни проекти, настапи и концерти ширум целиот свет. Покрај концертните настапи, овој хор има многу снимен музички материјал зад себе и претставува вистинско Балканско музичко богатство.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.