После минатогодишното откажување на натпреварот поради пандемијата, Изборот за песна на „Евровизија“ повторно се одржува, но во поинакво издание од она на кое публиката и гледачите беа навикнати досега. Домаќин на претставниците од 39 земји годинава ќе биде „Ахој“ арената во холандскиот град Ротердам.

Според програмата, вечерва ќе се одржи првото полуфинале на кое ќе настапат претставници на 16 земји, од кои десетмина на крајот на вечерта ќе се пласираат во големото финале. Македонскиот претставник Васил Гарванлиев со неговата песна „Here I Stand“ ќе настапи под реден број шест.

Фаворит за победа на годинешниот избор, според обложувалниците, е Италија, но со големи шанси да ја однесат победата се и Франција и Малта. Македонија припаѓа во земјите со највисоки коефициенти, односно со најмали шанси за победа, заедно со домаќинот Холандија, Албанија, Словенија, Естонија, Шпанија, Полска и други земји.

Владата на Холандија одобри натпреварот да се одржи со ограничен број на публика и со строго почитување на мерките кои треба да обезбедат здравствена сигурност за фановите, натпреварувачите, нивните тимови, како и новинарите и самите организатори. Капацитетот на арената е намален на 3.500 посетители, кои ќе можат да влезат само со негативен Ковид-тест.

Второто полуфинале од изборот за песна на „Евровизија“ ќе се одржи во четврток, кога ќе настапат уште 17 земји, додека големото финале е предвидено да се случи на 22 мај, сабота.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.