Тапанарот на бендот Foo Fighters, Тејлор Хокинс, во моментот на смртта во организмот имал десет психоактивни супстанции, вклучително и опијати, објавија колумбиските власти.

Педесетгодишниот тапанар на славната американска група беше пронајден мртов во неговата хотелска соба во колумбиската престолнина Богота, каде што бендот требало да настапи истата вечер.

„Со токсиколошката анализа досега се откриени десет супстанции во телото на Тејлор Хокинс, вклучително и опијати, антидепресиви, анксиолитици и марихуана“, објавија колумбиските власти.

Канцеларијата на колумбискиот државен обвинител официјално не ја прогласи причината за смртта на Хокинс, но локалните медиуми повикувајќи се на извори блиски на истрагата објавија дека станува збор за предозирање со хероин и комбинација на антидепресивни и бензодијазепини.

Медиумите, исто така, објавија дека музичарот е пронајден мртов во својат апартман во хотелот „Casa Medina“, откако се јавил на рецепцијата и се жалел на болки во градите. Екипата на службата за итната медицинска помош, меѓутоа, го нашла без знаци на живот.

Хокинс и во минатото имаше проблем со зависност од дрогите и пред дваесет години одвај преживеал предозирање.

Бендот на Foo Fighters во 1994 година ја основа Дејв Грол, тапанарот на легендарната група Nirvana. Бендот објави 10 студиски албуми, со бројни хит синлгови како „Everlong“, „Times Like These“ и „Learn To Fly“. Освоија 12 Греми награди, а минатата 2021 година беа вброени во Куќата на славните на рокенролот. Тејлор Хокинс беше нивен член од 1997 година, а пред тоа свиреше со Аланис Морисет.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.