Андре Риу, холандскиот „крал на валцерот” и човекот кој овозможи класичната музика да е достапна за сите, заедно со својот оркестар “Јохан Штраус”, во ноември повторно ќе настапи во Скопје како дел од својата светска турнеја.

Маестро Андре Риу во ноември повторно ќе се претстави пред Македонската публика. Ќе имаме шанса да чуеме една сосема нова програма исполнета со фантастични филмски мелодии, мјузикли, опера и оперета како и традиционална музика. Подгответе се за незаборавна вечер исполнета со музика и валцер, информираат организаторите.

Андре Риу верува дека класичната музика е создадена за сечие уживање, па преку својата умешност, на забавен начин, ја приближува до сите возрасти. Токму поради таа причина, Андре е еден од најдобрите изведувачи на нашето време.

Јас и мојот оркестар сме многу радосни за повторното гостување во Скопје во склоп на нашата светска турнеја. Концертот во 2019-та беше навистина емотивен и незаборавен, а прекрасната публика не’ пречека со огромен ентузијазам. Со нашето враќање во ноември ја прославуваме љубовта, животот и секако, музиката, вели Риу.

Неговите настапи се многу повеќе од само музика – раскошни фустани, романтични светла и пространи платна зад оркестарот, заедно со бројни интернационални солисти и сето тоа зачинето со добар хумор. Таму е дозволено да се смее, плаче, игра, танцува… перфектен спој за одлична забава.

Риу се наоѓа на првото место на над 30-тина топ-листи, добива 500 Платинум награди и продава повеќе од 40 милиони ЦД и ДВД изданија. Неговите видеа на “Јутуб” надминуваат милијарда прегледи, а неговиот “Фејсбук” има 5 милиони следачи. Ова се само дел од причините зошто Њујорк Тајмс го нарекуваат вистински “Маестро на публиката”.

Овој екслклузивен настан ќе се одржи во С.Ц. БОРИС ТРАЈКОВСКИ на 27-ми ноември 2020 година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.