Стефан Петановски најави деби албум наречен Architect of Reality , како дел од неговиот соло проект.

Овој албум е најискрениот и најпрецизниот начин на кој јас можам да се искажам како уметник и претставува вистинска репрезентација и опис на мојот стил како композитор, музичар и гитарист.
Се работи за инструментален албум во кој доминира гитарата и жанровски може да се определи како прогресивен рок, метал албум но навистина оди и во многу други поразлични стилови и насоки. Во него гостуваат веќе истакнати гитаристи како Дамир Пух, Пелумб Ќерими и Виктор Захариев. Албумот исто така содржи многу гитарски делови, оркестрации, клавијатури, саксофон соло и многу други елементи. Албумот сорджи 12 песни од кои 10 се напишани во текот на изминатите 2 години, а сега се редефинирани и преуредени како би можел да ги издадам во едно издание односно како целосен албум.
А последните две песни од албумот наречени Banquet of Life: Chapter I и Chapter II беа напишани во периодот додека се снимаше албумот и всушност претставуваат едно големо парче музика кое трае малку повеќе од 20 минути, но потоа ги поделив на два посебни дела. Овие две песни се производ на некои нови свежи идеи што ги имав и ги додадов во албумот само за да можам да го доловам целосното мое музичко патување до сега, вели Петановски.

 

Стефан Петановски е гитарист и композитор.Неговиот стил како гитарист најдобро може да се опише како фузија од повеќе жанрови : Metal, Rock, Progressive, Fusion и многу други а при тоа задржувајќи ги и техничките, виртуозните како и помелодичните елементи и аспекти на инструментот. Стефан почнал да свири гитара на возраст од 7 години, тој го добива основното познавање за инструментот од страна на неговиот татко кој свири гитара и се бави со музика како хоби, а подоцна продолжува да го подобрува стилот и техниката на свирење, учејќи од книги, видеа, DVD лекции и сл. Во текот на основното и средношколското образование, свири гитара во школскиот бенд како и во училишниот оркестар во чии состав учествува на голем број настани, натпревари, како и телевизиски емисии. На возраст од 15 години почнува да свири со кавер бенд во живо и оттогаш има настапувано во поголем број од градовите во Македонија. Како делумно самоук гитарист, тој одлучува да го прошири своето знаење за инструментот, како и музиката генерално, продолжувајќи го своето образование во Ф.М.У (Факултет за музичка уметност – Скопје) на отсекот Гитара- Популарни жанрови. Во 2016 година Стефан заедно со Стефан Митев, Александар Јарчевски и Филип Мирчевски формираат бенд под името Спектрум. Спектрум е инструментален прогресивен метал бенд. Тие го издадоа својот прв албум наречен Хирает на 20ти април 2018 година. До сега тие имаат настапувано на многу настани, фестивали и концерти, издвојувајки ги Пиволенд – главната сцена, Дфест, Станица 26, МКЦ, Џез и Jazz and Blues North city fest меѓу другите. Во 2017 година, Стефан се приклучува во бендот на Дамир Пух со кого свират повеќе концерти во различни градови во и надвор од Република Македонија, вклучувајќи и концерти како што се промоцијата на Дамир Пух – “Recollection” во Станица 26, Porta Jazz –Битола, Jazz and Blues North city Fest меѓу другите. Во 2018 година, Стефан, Дамир Пух, Наташа Михајлова, Дарко Фотиновски и Дејан Апостоловски го формираат бендот Station: Innermost, со кого работат на издавање на нивниот првиот EP запис. Во почетокот на 2019 година, Стефан го издава својот прв албум како соло артист наречен Architect of Reality.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.