Новата песна на ДНК е со наслов „Сите патишта“ и зад оваа тема стојат потписите на веќе проверениот двоец – Панчо и Лазар Цветкоски, во чие студио и е снимена. Видеото, пак, е снимено во осум скопски општини и под режисерската палка на Владимир Митревски – Ѓуле, а самата приказна го следи текстот кој, како што велат Панчо и Андреј, е создаден сосема спонтано и од срце.

„Сите патишта“ е чиста позитива и ги буди оние спомени од детството кои нè врзуваат за првите игри, другарства, љубовни спомени… Оние спомени од нашите маала кои секогаш ни измамуваат насмевки и ни будат убави емоции кога и да се вратиме онаму каде што ни минало детството.

Песната е за сите оние кои во срцата си ги носат своите маала. Многу емотивна тема, иако создадена случајно и спонтано, од срце. Коментарите на повеќето се дека текстот допира, па искрено веруваме дека секој кој ќе ја чуе барем преку спомените ќе успееме да го вратиме во старото маало, велат Панчо и Андреј.

Кадрите за видеото се снимани во Сарај, Ѓорче, Карпош, Кисела Вода, Центар, Гази Баба, Аеродром и Бутел и, секако, на Водно каде всушност и се заокружува целата приказна, токму онака како што Водно го заокружува нашето убаво Скопје.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.