Започна новата сезона на Младинскиот културен центар (МКЦ). По квалитетно одработениот летен распуст, тимот се враќа на ревносна реализација на програмските активности. Сезоната ја отворивме со деветтото издание на фестивалот на нова музика, „Здраво млади“. Фантастичната атмосфера во новопромовираниот МКЦ-парк, изминатата саботна вечер беше простор за уживање на повеќе од 2000 млади луѓе, соопштија од МКЦ.

Програмата на сцена „растури“, публиката разиграна и насмеана, МКЦ преплавено со млади луѓе и позитивна енергија.

Фестивалот „отвори“ ден порано (на 30 август) со детската работилница за гитара на легендарниот музичар Скот Меклауд (Girls Against Boys), во рамки на на Јуниор програмата на „Здраво млади 9“. Тој беше пријатно изненаден од талентот на децата кои ја посетија работилницата па по часот започна плодна дискусија поттикната од инспирираните деца.

Ирецот DJ Fitz го отвори фестивалот со сервирање на својата музика кај „chill“ зоната до која се наоѓаше првата самстојна изложба на Зденко Петровски насловена „МКЦ документ“. На главниот стејџ аргентинците Mueran Humanos ја импресионираа публиката со страстна, пропулзивна музика на шпански јазик. Веднаш по нив следуваше најновата сензација на домашната сцена – ZeeBomb & Matej Foltz па бразилката Dillon која ги маѓепса сите. Паралелно почна и програмата на вториот стејџ со акустичен соло настап на Scott McCloud по кој следуваа dj сетови на Emily и Loshko. Operators го промовираа новиот албум – „Radiant Dawn“ и носталгично се поврзаа со публиката која во еден момент ја запеа „Градот убав пак ќе никне“. Следни на сцена беа фантастичното трио Rib и нивните другари – Fujiya & Miyagi. Премиерната изведба на „Rotator“ од Rib заедно со David Best беше над сите очекувања. Разиграната публика возбудено ги пречека Svemirko и нивните “tajne svemira” по кои Nipplepeople го „украдоа шоуто“ предизвикувајќи особен интерес кај посетителите поради нивната мистериозност.

„Здраво млади 9“ заврши со програмата „Berlin via Skopje“ со Alex Acid, Vivian Koch, Conforce и Stojche(имено нејзиниот куратор) која траеше до раните утрински часови исполнувајќи го просторот со нови звуци кои беа зачинети со визуелизации на добро познатиот Горан Костовски – Индог.

Покрај музичката програма, посетителите уживаа во кулинарските магии на Веган365Kitchen, Цаци (Fat Kitchen) и Тoto Daily Bistro, gaming зона, photo booth, VR искуство, chill зона и еден куп други активности! „Здраво млади “ пулсираше некаде меѓу нова и алтернативна музика.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.