Почина Дасти Хил, басистот на познатата тексашка хард рок група „Зи зи топ“, објави американскиот сајт ТМЗ, повикувајќи се на членовите на славниот бенд.

Веста ја пренесе и АП, повикувајќи се на објавата на членовите на бендот на Фејсбук.

Тажни сме од веста дека нашиот соборец Дасти Хил починал во сон во својот дом во Хјустон. Многу ќе ни недостастуваш, пријателе, рекле Били Гибонс и Френк Берд.

Засега е непознато дали смртта на Хил е поврзана со неговите здравствени проблеми. ТМЗ објави дека басистот неодамна го повредил колкот.

Хил, чие вистинско име е Џозеф Мајкл Хил, е роден во 1949 година и беше познат по каубојската капа, очилата за сонце и долгата брада, која ја носи и гитаристот Гибонс.

„Зи зи Топ“ го сними нивниот прв албум во 1971 година, и постигна голем успех со албумите „Tres Hombres“ (1973), „Fandango“ (1975), „Eliminator“ (1983) и „Aftterburner“ (1985).

Хард рок-триото од Тексас се прослави со хитовите „La Grange“ (1973), „Tush“, „Blue Jeans Blues“ (1975), „Cheap Sunglasses“ (1979), „Gimme All Your Lovin“, „Sharp Dressed Man“, „Legs“ (1983), „Sleeping Bag“, „Rough Boy“ (1985) и „Doubleback“ (1990).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.