Новиот албум од класичната музика на пијанистиката Мимоза Ќека со дела од Самуел Барбер, Јохан Себастијан Бах и Александар Скрјабин  е веќе достапен за слушање на платформите Јутјуб, Спотифај, Епл музик, Дизери Амазон мјузик.

Албумот носи наслов „Non-Fungible Scriabin Barber Bach“ и е прва соло албумска објава на пијанистката. Тој обединува повеќе музички стилови почнувајќи од барокна музика, романтизам и современа класична музика на 20-тиот век.

Во албумот се содржани две пијано-сонати и токата, а Сонатата оп. 26 од американскиот композитор Самуел Барбер е премиерно изведена и снимена на просторот на Република Македонија.

Мимоза Ќека почнува да учи пијано на петгодишна возраст, додипломските студии по пијано ги завршува во класата на проф. Тодор Светиев при Факултетот за музичка уметност во Скопје, магистрира под менторство на проф. Лилија Зилберштајн, а во 2021 година се стекнува со титулата доктор по музичка уметност.

Настапува во рамки на фестивалите Златна лира, Нов културен бран, Есенски Музички свечености, Денови на македонска музика, „Festival international de piano Jeunes Talents“ во Франција, Сиена летен Фестивал на класична музика во Италија, Солеј – Фестивал на Франкофонијата во Бугарија, Интернационален фестивал Concerti del Tempietto во Театро Марчело Рим, Италија, Музички недели во Париз, како и во склоп на концертната сезона на „Bristol Music Club“ во Обединето Кралство.

Посебно се издвојува нејзиниот настап со Симфонискиот оркестар на ФМУ-Скопје, под диригентство на маестро Саша Николовски – Ѓумар со изведба на Концертот бр. 2 за пијано и оркестар од К. Сен-Санс.

Настапува и во камерни состави, со ансамблот „ConTempora“, дуо пијано, а остварува и пијано соработка. Мимоза Ќека е ангажирана на Факултетот за музичка уметност во Скопје како поканет уметник – стручњак од практика и е член на Сојузот на музички уметници на Македонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.