Концертите што беа предвидени да се одржат на 7 и 8 август на Градскиот стадион во Охрид се откажани.

Општина Охрид таквата одлука да не се издава просторот ја донела оттаму што било утврдено дека организаторот нема да може во целост да го испочитува Протоколот за начинот и условите за организација на настани.

Истовремено, Општина Охрид упатува препорака до останатите менаџерски куќи да ги откажат концертните настани во Охрид доколку немаат капацитети за почитување на тој Протокол и спроведување на мерките за заштита од коронавирусот.

Од Локалната самоуправа истакнуваат дека ќе биде дадена дозвола за одржување концерти на локации со кои стопанисува општината само доколку организаторите гарантираат почитување на препораките за заштита и доколку организаторот преземе целосна одговорност за здравствената безбедност на публиката.

Бројот музички настани и концерти оваа година е драстично помал отколку изминатите лета, поради епидемијата на коронавирусот. Се одржаа неколку настани, но со бројно присуство на инспектори на Државниот пазарен инспекторат што ги натера организаторите да се придржуваат кон строго определниот број посетители.

И Фестивалот „Охридско лето“ своите содржини и настани од програмската понуда ги реализира само на сцени на отворено и со однапред утврден број публика. Така беше и на свеченото отворање на Фестивалот кога на простор каде имало и над 2 500 луѓе во публика овојпат имаше само 400 места за седење.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.