Подготовките за претстојниот „Охрид фест – Охридски трубадури 2021“ се во полн ек, а стартот е закажан за 10 септември. Како што е познато, сидрото е во Охрид, на најубавата сцена на Балканот, на Долни Сарај, откаде ќе одекнат песни што долго ќе се паметат.
Годинава фестивалот е конципиран во две вечери, во Фолк и Интернационална, кои ќе се случуваат на 10 и 11 септември, со што продолжува музичката традиција долга 28 години.

Минатата година, и покрај неизвесноста со пандемијата, го одржавме фестивалот, на што сме особено горди. Продолжуваме каде што застанавме, очекуваме квалитетни песни кои ја следат трубадурската традиција, но и многу добри поп- композиции и атрактивни гости на Интернационалната вечер – вели првиот човек на „Охрид фест – Охридски трубадури“, Григор Копров.

На Фолк вечерта ќе настапат: Благица Павловска, дуетот Баже Груевски и Сани, Ирена Спасовска, Барбара, „Скопски боеми“, Петар Нечовски, „Соната“, Нино Величковски, Петар Христов, групата „Лихнида“ и многу други.
Ќе ги видиме и: „Нокаут“, Ристо Самарџиев, Александар Јосифовски, Димитар Андоновски, Филип Јордановски…, а организаторите најавуваат многу музички изненадувања на Интернационалната вечер.
Годинава „Охрид фест“ посебен акцент и внимание им посветува на новите музички сили, на дебитантите што ќе ја започнат својата музичка кариера токму од Охрид.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.