Летово на гости во родниот крај е познатото дуо Соња и Оливер од Торонто, Канада, односно брачниот пар Соња Лозановска и Оливер Петковски со потекло од Битола, кои негуваат македонска народна музика.

Поводот за нивниот престој во татковината е работата на две нови македонски новосоздадени песни кои се креација на врвни македонски уметници.

„Боже правда нема“ и „Мојот живот“ се наслови на песните за кои текстот го напиша Борче Нечовски, а музиката и аранжманот се на Дејан Момироски.

Песната „Боже правда нема“ доловува автентичен мелос од егејскиот дел на Македонија, а според зборовите на Соња Лозановска содржината и актуелноста на текстот ќе допрат до сечие срце.

Втората нова песна „Мојот живот“ е со родољубива, печалбарска тематика на која работеше истиот авторски тандем, Нечовски/Момироски.

И двете нови песни имаат видео записи реализирани на повеќе локации во Битола, Пелагониското Поле и во Манастирот Св. Петка во битолското село Цапари.

Во песната „Боже правда нема“ со оригинална кореографија учествува фолклорниот ансамбл „Гоце Делчев“ од Битола во кореографија на Бранко Жежовски.

Во песната гостуваат: Благојче Трајковски на кларинет и Филип Нуневски на труба.

Во песната „Мојот Живот“ гостуваат: Благојче Трајковски на кларинет, Дарко Илиевски на хармоника и Џелјо Дестанивски на зурла.

Видео записот за двете песни е дело на Арт Студио Продукција со режисерот Дејан Ѓоргиев.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.