ДНК имаат нова песна. Станува збор за темата со наслов „Ние“, која стандардно излегува во исто време со спот. „Ние“ е со потписот на веќе проверениот и докажан авторски тандем – Лазар Цветкоски и Панчо, но заедно ја направиле музиката, текстот е на Панчо, додека аранжманот го изработи Лазар. За мастерингот, пак, се погрижи Крис Герингер, Sterling Sound, од Њујорк. Герингер во својата биографија има запишано соработки со Дрејк, Карди Б, Ријана, Лејди Гага, Ву Танг Клан и многу други.


Интересно е дека и ова видео Панчо и Андреј го работеа со режисерот Даниел Јовески, кој вели дека се потрудил самата приказна да го следи текстот од оваа емотивна композиција.

Приказната на песната и спотот ни ја опишува осаменоста помеѓу четири ѕида, прогонувањето на спомените од минатото. Спомените се уште посилни кога се ставени на фотографија, фотографии преку кои Панчо патува низ сеќавањата, во времето кога биле среќни со саканата, открива Јовески.

Кадрите се снимени на луксузни локации во Турција, односно во хотелот „Босфорус“ во Анталија и во амфитеатарот во Сиде. Главните улоги во спотот им припаѓаат на водителката Миа Костова, која прв пат се појавува во музички спот, и Хаки Алан.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.