Сведоци сме дека корона-пандемијата речиси целосно се смири во нашата земја и искрено се надеваме дека и ќе остане така. Тоа беше доволна причина за повеќето од македонската музичка естрада да ги засукаат ракавите и да почнат со создавање нова музика за својата публика.

Една од нив е познатата пејачка Наташа Малинкова, една од најбараните кога станува збор за „живите“ настапи. Таа пред само еден ден ја објави својата најнова песна „Немам зборови, за која сними и видеоспот.

Се разбира, Малинкова и овојпат му остана верна на својот соработник Столе Аврамов, кој стои потпишан и зад оваа нејзина најнова песна.

Со Столе се познаваме долги години и досега се потпишува на скоро сите мои песни. Ми верува, јас му верувам и воопшто немаме проблем да соработуваме. Ова е една модерна песна со певлив рефрен и заедно со Столе се согласивме дека сега е идеално време за нејзина промоција, ни изјави Малинкова.

Инаку Наташа и режисерската палка му ја довери на познатиот Даниел Јовески и „Дигитал Бокс Продукција“, кои се погрижиле да добијат одлично видео. Покрај Малинкова во спотот се појавуваат и девојките од „Брејк А Лег“, како и Мина Здравкоска и Стефан Николиќ.

Задоволна сум од тоа како излезе и песната и видеото. Коментарите барем засега се позитивни и верувам дека ќе си го најде патот до публиката. Сакам посебно да се заблагодарам на луѓето и целиот тим што мене и го реализиравме проектов во овие тешки времиња, вели Наташа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.