На 17. Јуниорски евросонг 2019 кој ќе се одржи на 24 ноември во Гливице, Полска, земјава ќе ја претставува Мила Москов, ученичка во основното училиште „Кочо Рацин“ од Прилеп.

Македонската радио-телевизија соопшти дека по аудицијата одржана во саботата, на која учествувале 18 кандидати, комисијата едногласно ја избрала Мила Москов оценувајќи дека има најдобар настап, поседува извонедни пејачки способности и достојно ќе ја претставува Северна Македонија.

Од најрана возраст Мила покажува интерес кон музиката и на шест години се запишува во локалното државно музичко училиште во Прилеп на одделот за пијано, но по две години се префрла на соло пеење каде и ги прави своите први почетоци во пеењето. На 11 години се пријавува на аудиција за мали таленти каде влегува во финале со што се зголемува интересот за пеењето. Во 2017 година се запишува во приватното музичко училиште „Матрикс“ во Прилеп, на настава кај професорот по соло пеење Денис Димоски. Таа година учествува на фестивалот „Мелфест“ како дебитант и ги собра симпатиите на публиката. Мила учествува и на хуманитарни манифестации и заедно со детскиот хор „Мали ангели“ пее на неколку концерти за помош на децата со посебни потреби, наведува МРТ.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.