Со синоќешниот концерт заврши гостувањето на хрватскиот пејач Масимо Савиќ во Скопје. Двата концерти се одржаа во салата на Македонската флхармонија, за која уметникот имаше само пофални зборови.

Ми зборуваа за оваа сала, дека е како мал “Лисински”,како во Загреб. Ова е конечно она што Скопје го заслужува, сала со одлична акустика, во старогрчки стил. Некој паметен ја има проектирано, рече Савиќ.

Одлична соработка со публиката покажа уметникот при секоја изведба, а присутните стоејќи ги пееја во еден глас неговите хитови. Во салата на Филхармонија ечеше „Сјај у тами“, „Само један дан“, „Замисли живот у ритму музике за плес“, „Додирни ме случајно“, „Сузе нам стале на пут“, „Кладим се на нас“…

Постојано раскажуваше по некоја случка меѓу песните и тоа даваше одличен шмек на вечерта. Рече дека многи ги почитува „Леб и сол“, неговиот бенд соработувал и со „Езерки“, па во нивна чест музичарите од бендот маестрално ја изведоа „Со маки сум се родил…“ Но, публиката не остана должна и веднаш им се приклучи пеејќи го текстот. Прекрасна енергија во салата, додека музичарите покажаа видна изненаденост и воодушевување од реакцијата на публиката, а тон мајсторот на Савиќ со својот телефон ја снимаше целата песна. На сето ова Масимо дополни дека вечерва уште еднаш се потврди дека Македонија е земја каде одлично се пее и игра и дека вториот концерт го надмаши првиот.

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.