Македонската ПИН музичката конференција се закити со значајна награда во Англија, доделена од страна на водечкиот европски фестивал на нова музика „Грејт Ескејп“ (The Great Escape). Со ова огромно признание, годинава имаме чест да ја најавиме ПИН конференцијата како актуелен победник во категоријата „Најдобар нов настан“ на Годишните награди за музички конвенции (YMCA) кои се доделуваа на славниот „Грејт Ескејп“ во Брајтон. „ПИН е многу добро организиран настан со квалитетни артисти кој се одржува на одлична локација во навистина убав град. Силната регионална и интернационална компонента на ПИН е исто така главна придобивка“, изјави по овој повод Мартин Елбурн, креативниот директор и коосновач на „Грејт Ескејп“, а кој и самиот беше еден од делегатите на претходните изданије на конференцијата.

Новото издание на ПИН со оваа титула станува славеничко издание, а ќе се одржува од 24 до 26 ноември во Младинскиот културен центар во Скопје.

ПИН е првата и сѐ уште единствена меѓународна музичка конференција во Македонија која започна да ја испишува својата приказна во 2012 година и која како редовен дел од програмата на фестивалот ТАКСИРАТ, прерасна во најзначајниот ваков настан на Балканот, а сега веќе и официјално препознаен од страна на водечките стејкхолдери во европската музичка индустрија. Концептот на овој настан подразбира исклучително богата тридневна програма која е поделена во дневна панел-програма (конференција) и вечерна музичка програма (шоукејс). Со овој програмски концепт, ПИН на едно место ги обединува сите засегнати страни, професионалци и вљубеници во музиката и музичката индустрија, експерти, уметници, изведувачи, новинари, културни дејци, промотори, менаџери, агенти…

Програмата на ПИН 2022 ќе биде наскоро објавена, а во листата на учесници годинава се очекуваат повеќе од 30 музички изведувачи од цела Европа кои ќе одржат концерти во шоукејс програмата, како и повеќе од 200 делегати од музичката индустрија со кои во панелите ќе го споделиме искуството и ќе го продлабочиме знаењето за актуелни, иновативни и влијателни теми во музичката индустрија.

Присуството на концертите на ПИН е БЕСПЛАТНО и со слободен влез за сите посетители, а за панел-дискусиите во дневната програма потребно е само претходно да го најавите/регистрирате своето присуство на овој линк: https://pinconference.mk/register-for-conference/

Овогодинешното издание на ПИН музичката конференција е организирано со поддршка од Центарот на европската мрежа за размена на музички иновации (HEMI), проект кофинансиран од програмата Креативна Европа на Европската Унија.

 



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.