„Љубојна“ викендов го одржа предновогодишниот концерт, анплагд, и ни овозможија прекрасно музичко патување. Одличните музичари од овој етно-состав некако секоја година прават да се чувствуваме убаво, сакано, не галат со звуците од нивните инструменти и вокали.

Така беше и овој пат. „Љубојна“ повторно ја изненади публиката, ја распосла целата дарба, песните, музиката и покажаа дека секојпат се едно скалило повисоко и дека секогаш се подобри од претходниот пат.

Најновиот албум на Љубојна “Byzance” ги донесе на сцената на Македонската опера и балет од каде испратија огромна енергија и прекрасни звуци кон публиката која одушевено ги пееше заедно со нив „Севдо ле“,  „Стани да не станиш“, „Твојте очи“, „Горо ле горо“, „Мори чупи костурчанки“, „Горки чувства, слатки немири“, „Излегув да се прошетам“, „Елено, ќерко Елено“…

Секоја песна, беше испратена со овации. Концертот траеше час и половина, а публиката побара бис со громогласен аплауз. На крајот од концертот откако беа вратени на бис, беше изведена новата песна „Те љубам“ специјално напишана за овој концерт.

Огромно благодарам за сите ваши насмевки и ведри лица за љубовта споделена на овој unplugged пикник и за тоа што со полна доверба ни ги “отворивте” срцата. Душа полна убавини… тоа сме сега. Сéуште полни со избуричкани емоции и предозирани од радост, што уживавте на секој отпеан и отсвирен музички “атом” и што “дишевте” со нашата музика. Ве сакаме, напишаа денеска на социјалните мрежи „Љубојна“.

фото: Фејсбук

 

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.