Од денес во продажба се билетите за 12. издание на фестивалот на нова музика „Здраво млади“ кој ќе се одржи на 3 септември годинава во паркот на Младински култирен центар (МКЦ).

Овогодишното издание ќе изобилува со познати имиња од европската и светска музичка сцена, со огромна поддршка од локални артисти чија матична сцена се гради токму во МКЦ.

Во таа чест, на наше огромно задоволство го најавуваме и првиот бенд за 12-то издание на ЗДРАВО МЛАДИ: DEERHOOF, калифорниската нојз панк супер група оформени далечната 1994 година. Со над 18 космички албуми кои се истовремено и експериментални и поп, Deerhoof отсекогаш трагале по смели приказни и радикални звуци, создавајќи во процесот свој револуционерен јазик за разбирање со публиката. Нивниот албум од 2020 насловен како Future Teenage Cave Artists, критичарите го оценија како омниприсутен, илустрација на лична бајковита визија од постапокалиптични мелодии кои одзвонуваат во глава, украсен со крајно невообичаени дигитални методи на снимање. Неговото продолжение Love-Lore пак, претставува мозаично љубовно писмо со обработки од песни во живо на артисти како Parliament, Sun Ra, Stockhausen, канализирани во анти-тоталитарни пораки кои го инспирирале бендот, велат од МКЦ.

Deerhoof во минатото беа и на заедничка турнеја со познатите Radiohead.

Дизајнот на 12. Здраво млади е дело на младиот македонски уметник Гоце Илиевски.

Билетите за овогодишното издание на фестивалот може да се набават онлајн преку bileti.mkc.mk или на билетарницата на МКЦ со почетна цена од 500 денари.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.