Како силна приказна, познатиот музичар Игор Атансовски- Харе ја опишува новата дуетска песна со легендарниот рокер Аки Рахимовски од „Парни Ваљак“. Скопјанецот кој долги години живее во Загреб од прва ја бендисал песната на Харе и ја снимиле во Скопје, во студиото „Тавитјан брадрс“.

Песната настана спонтано, во една дружба, без многу договорање и планирање, и е наблиска до некој македонски блуз. Аки сѐ уште го сочувал правилниот и убав македонски јазик и ја испеа песната токму на тој начин. Пријатно ме изненади. Дики Тавитјан направи одличен аранжман, токму онаков каков што замислував, изјави Гуру Харе кој е автор на музиката и на текстот на песната, а Диран Тавитјан ја продуцираше.

Спотот премиерно ќе се прикаже во емисијата „1 на 1“, на 19 мај, а Харе ќе ја раскаже комплетната приказна за соработката и за дружењето со Аки. Во видеото се појавуваат тој и Аки во неформална дружба и во работна атмосфера, а приказната на песната ја доловуваат и актерите Виолета Шапковска, Сеад Хаџиќ, Милан Тоциновски и Јан Теодоров.

Спотот е во режија на Огнен Шапковски, директор на фотографија е Кристијан Теодоров а го изработи „Мелен продукција“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.