Група деца од популарниот детски телевизиски серијал „Дајте музика“, ќе ја претставуваат Македонија на 19. издание на јуниорскиот Евросонг 2021.

Јавниот радиодифузен сервис МРТ оваа година реши да го искористи правото на интерна селекција и избор на претстaвник на оваа престижна манифестација, согласно со актуелната состојба од пандемијата на Ковид-19 и воведувањето на новите заштитни мерки и протоколи.

„Дајте музика“ е копродукциски проект на Македонската телевизија, кој е еден од најпопуларните и најгледани телевизиски програми за деца кај нас. Во него, главни протагонисти се токму групата мошне талентирани актери и пејачи кои за кусо време станаа идоли на новата генерација. Со продукција на повеќе од 80 песни, на кои веќе три години работат дел од најпознатите македонски композитори, со издадени два албума (ЦД), милионски прегледи на музичките платформи на нивните нови детски хитови, проектот „Дајте музика“ се вбројува во една од најуспешните музичко-забавни детски програми што ги освои симпатиите на публика –  соопштија од Македонската телевизија.

Песната со која ќе се претстави нашата земја ќе биде избрана и промовирана во следните неколку недели. На неа ќе работат композитори кои веќе соработуваат во проектот и добро ги познаваат вокалните и артистичните капацитети на децата од шоуто.

Оваа година јуниорскиот избор за песна на Евровизија ќе се одржи на 19 декември во концертна сала „La Seine Musicale“, во Париз. Директен пренос ќе има на програмите на Македонската радио телевизија.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.