Брајан Адамс за прв пат дојде во Македонија. Како што рече и самиот не верувал дека некогаш ќе настапи овде, но евидентно беше дека синоќа го вложи секој атом од себе и да публиката и се даде максимално. Имаше одлична комуникација со публиката. Тој не сакал фан пит влезници бидејќи смета дека парите не треба да се пресудни во заземањето место пред бината, а немаше ниту предгрупа, па излезе на сцена и оттаму синоќа направи ноќ за паметење! И навистина беше ноќ за паметење. Големата музичка ѕвезда испрати порака дека заедно со својот спонзор на турнејата организираат кампања со секој купен билет да посадат дрво. Имено пред почетокот на концертот од огромниот екран на бината се слушна гласот на Брајан Адамс кој ја праша публиката дали имаат билети и побара оние кои имаат билет да ги кренат рацете. Кога сите присутни во салата го сторија тоа, Адамс објасни дека со помош на спонзорите, дел од парите се наменети за садење дрва.

фото: Ангел Ситновски

Една карта, едно дрво. На оваа турнеја свирам 80 концерти, што на крајот ќе бидат цела шума од млади стебла.

Опремата за звук, светло и видео која беше донесена со десет камиони се покажа во полна сила. Канадскиот рокер и автор на најубавите балади во рамките на актуелната турнеја ’’Shine A Light’’, во Скопје ги отпеа веќе познатите хитови: ’’Summer Of ’69’’, ’’Heaven’’, ’’Everything I Do, I Do It For You’’, ’’Cuts Like A Knife’’, ’’Have You Ever Really Loved A Woman?’’, ’’All For Love’’, по кои е познат, но и песни од новиот албум.

фото: Фејсбук

Два часа канадскиот рокер пееше и се забавуваше со публиката. На моменти ги прекоруваше бидејќи повеќето го снимаа концертот.

Ве молам ставете ги телефоните во своите џебови. Го пропуштате концертот. Зошто дојдовте?, им се обрати Брајан со желба заедно да ужива со него и публиката која ја исполни салата.

Брајан лесно комуницираше со публиката, а тоа најдобро се гледаше кога почна да ја изведува „Heaven“, а Брајан и дозволи на публиката да ја отпее сама. Огромен аплауз и овации на крајот од песната. Озвучувањето беше одлично, а атмосферата ја надополнија и ласерските прачки кои се спуштаа до бината и се креваа назад.

фото: Ангел Ситновски

Добро вечер, се обрати на македонски среде концерт и потоа продолжи на англиски, Се викам Брајан, доаѓам од Канада и драго ми е што прв пат доаѓам во Македонија. Имам многу музика да ви отсвирам. Не знам дали ќе имаме време, бидејќи утре треба да станете рано за да одите на работа. Ова е турнејата „Shine a light” и ќе ја изведеме насловната песна.

Брајан со помош на Кит Скот го изведе хитот кој своевремено го сними со Тина Тарнер „It`s only love”, потоа „Cloud number nine”, а потоа продолжи со изведба на една романтична песна во чест на Леа, која му фрли порака додека свиреше. Кога Скот почна нежно да ги допира жиците од гитарата, публиката во салата веќе знаеше дека станува збор за композицијата „Have you ever really loved a woman”, од филмот „Дон Хуан де Марко“, која Брајан ја сними со починатиот фламенко гитарист Пако де Лусија…

После ова следуваше играње за натпревар. Ги разигра сите присутни, а најдобрите играчи можеа да се видат на големиот екран на бината зад музичарите. Публиката уживаше, се трудеа сите да бидат интересни и различни за да ја освојат симпатијата на камерманите и да ги забележат на платното… Вистински се забавуваше секој присутен во салата.

Дали е се во ред? Сакате ли да си одиме на спиење? Не, па и јас не сакам, рече Брајан по што следуваше уште една филмска балада „Everything I do”, а потоа и “Cuts like a knife“, „18 till I die“ и „Please forgive me“.

Официјалниот дел од концертот заврши со „Summer of 69“, но публиката во која имаше и мали деца и тинејџери и средовечни го довикуваше Адамс и неговиот бенд да се вратат на бината, a тој потоа излезе и ги отпеа “I could get used to this”, „Whiskey in the jar“ и „Straight from the heart“ и „All for love“.

На крајот тој порача дека никогаш не треба да се откажуваме од сопствените соништа.

Имам 14 албуми. Многу работев, напорно создавав за да успеам да стигнам до тука. Затоа ќе ви порачам: Никогаш не се откажувајте од своите соништа!, рече Брајан на крајот.

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.