Јубилејот од 25 години постоење, Авалон го завршија со фестивалот „All you need is love“ со најголемата музичка актуелна регионална ѕвезда Џибони, Влатко Стефановски трио и „Фанк шуи“.
Влатко Стефановски, како и секогаш одличен на сцената и посака на публиката среќни новогодишни и божиќни празници и маестрално ги изведе култните „Бистра вода“, „Јовано, Јованке“, „Скопје“, „”Gypsy song”… Пред крајот на својот настап го повика на сцената и неговиот син Јан, кој им се придружи на музичарите и рамо до рамо со нив бриљираше на сцената. Се потврди ставот на Влатко дека Јан од ден на ден станува се подобар на тапани. Пред изведбата на „Бистра вода“, која им ја посвети на оние кои годинава заминаа од овој свет, Влатко побара публиката со телефоните да ја осветли салата и ВИП арената „Борис Трајковски“ блесна под ѕвезденото небо.
Влатко имаше свој целовечерен настап, како што му доликува на најголемиот балкански гитарист на сите времиња, а настапи и како специјален гостин на неколку песни заедно со Џибони.
Балканската ѕвезда Џиноби и покрај маглата поради која не можеше да слета на скопскиот аеродром, па преку Виена и Приштина пристигна во Скопје и ја забавуваше публиката до доцна во ноќта. Се редеа хитовите „Миракул“, „Темпера“, „Либар“, „Двије душе“…
Во чест на неговиот пријател, соработник и колега Оливер Драгојевиќ, тој ја изведе „Цесарица“ и „Среќа“. Како никој досега, Џибони покажа професионалност, квалитет и непосредност со публиката. Пред крајот на концертот тој слезе од бината и се спушти меѓу публиката каде заедно ја ипеаја „Опрости“.
„Фанк шуи“ настапија први и ја подготвија публиката за големите ѕвезди.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.