Промоцијата на новата песна и спот „Скопска“, на Кристијан Лукаров ќе се одржи во среда (1 март) во 13 часот во култната кафеана „Кај Вршац“ (спроти Градскиот Стадион).

Песната е правена во манир на староградска балада, емотивна приказна поврзана со боемштината и некогашните боеми а комплетен автор (музика, текст и аранжман) е Кристијан. Видео записот го потпишува Бранко Попчевски, камера е на Никола Китановски, продукцијата на студиото САН АРТ, а главната улога ја има Ѓокица Лукаревски.

„Скопска“ е топла, нежна балада што ќе ви го допре срцето и ќе ве потсети на најдрагите. Инаку, Кристијан во себе има сочувано спомени за боеми, тие му се постојана инспирација: целиот живот е во и со музиката, свири од 15 години, има завршено Музичка академија, неколку настапи на Лешочки фестивал и Валандовски фолк фест, работи како музички педагог, а во целата приказна за боемите и гените имаат вмешано прсти. Имено, таткото на Кристијан, Миле Лукаров, на пошироката јавност познат како дел од групата „Урнебес“ беше музичар и боем во вистинска смисла на зборот. Неговата „Боемска балада“, омилената на Кристијан, доби Гран При на Серенада на Широк сокак во Битола во 2002 година.

Во годините на созревањето бев навлечен на џез, препознатлив преку „Боемска рапсодија“ на Квин и сакав да се докажувам – вели Кристијан. Татко ми постојано велеше: напиши едноставна а моќна песна. Таму е убавината. Многу години подоцна сфатив дека е во право.

По се изгледа „Скопска“ е токму таква песна- моќна во искреноста, каде авторот со длабоката почит кон боемите се потпишува со точност во секој збор и секоја нота. „Скопска“ за Кристијан значи ново музиичко поглавје и е најава за албумот што ќе се случи годинава. Дојдете да ја слушнете „Скопска“, песна посветена на татко, да се разгалите и да се потсетите на вистинските скопски боеми.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.