Отворањето на 22. издание на манифестацијата „Есенски музички свечености“ ќе се случи в петок (05.11.2021) со концертот на Националниот ансамбл „Танец“ и Влатко Стефановски, со почеток во 20 часот во Салонот на Националната опера и балет. Билетите се во продажба на karti.com.mk и пред почетокот на концертот во Националната опера и балетКонцертот ќе се одржи согласно протоколите за одржување на настани.

ТАНЕЦ И ВЛАТКО

Концерт на „Есенски музички свечености 2021“

Националниот ансамбл Танец повеќе од седум децении ја остварува својата културна мисија на негување и презентирање на македонското фолклорно творештво во земјава и надвор од неа. Генерации и генерации играорци, пејачи, музичари, кореографи, со огромна љубов ги чуваат народните игри и песни, обичаи и носии и преку успешните рафинирани кореографски поставки го презентираат македонскиот бит пред светот. Танец е бренд каде и да настапи на земјината топка. Ја освојува публиката со својата професионалност и совршениот изведувачки израз, со кој автентично се афирмира сета убавина на нашето фолклорно наследство.

Влатко Стефановски е стар пријател на Танец, кој во текот на својата речиси петдецениска кариера многупати има настапено со ансамблот, и дома и надвор. Секогаш соработките со Танец ги истакнува како особено значајни и инспиративни за неговата музика, како за македонската музичка култура во целост. Но, иако македонските фолклорни мотиви, како и фрагментите од репертоарот на Танец  се неизоставен дел од неговите изведви, Влатко, освен повремените еднократни настапи со Танец, никогаш досега не остварил целовечерен концерт со ансамблот. Конечно дојде и тој момент кога овие два бренда ќе ја делат сцената на голем концерт, за кој аранжманите на антологиските ора „Пелистерско“ , „Касапско оро“, „Ситна лиса“, „Поступано“, „Калајџиско“, „Пајдушко“ и незаборавните мелодии на „Елено, ќерко“, „Јано, мори, севдалино“, специјално ги напиша познатиот македонски композитор, аранжер и инструменталист, Дамир Имери. Оваа врвна фузија, од која излезе уникатно парче музика, заслужува и достојна концертна промоција која ќе се случи токму на овогодишната манифестација „Есенски музички свечености“.

Годинашното издание ќе понуди 13 програмски термини, најмногу од областа на класичната музика, но и две промоции на книги, кои се исто така поврзани со музиката.

Директорот на Дирекцијата за култура и уметност во Скопје, Никола Георгиев на денешната прес-конференција и за годинава најави дела од македонски автори, но и простор за младите уметници кои допрва доаѓаат на сцената, а тоа е Младинскиот музички маратон.

Според директорот, отворањето на „Есенските свечености“ со концертот „Танец“ и Влатко Стефановски претставува своевидна класика за нашата музика, за музиката на оваа поднебје, и верува дека дадената доверба ќе биде оправдана од страна на „Танец“ и на Влатко Стефановски.

Георгиев денеска ги најави и останатите национални установи кои се дел од овој фестивал. Филхармонија годинава учествува со концертот „Убава Русија“. Диригентот е Конрад Ван Алфен од Холандија, а солист е Марија Солозобова – виолина од Русија/Швајцарија.

Национална опера и балет, пак, ќе учествува со оперската претстава „Кармен“ од Жорж Бизе. Диригент е Оксана Мадараш од Украина, а режисер е Нина Најденова од Бугарија.

Оваа година во рамки на „Есенските музички свечености“ се одбележува и јубилеј, односно 25 години посотење на „Света Злата Слави“ – женски камерен хор „Св. Злата Мегленска“. Диригент е Летка Димовска – Полизова, Влатко Стефановски – гитара, Сања Шуплевска – виолина, Васил Гарванлиев – вокал, Калина Велковска-Кали – вокал, камерен ансамбл „Поилифонија“ и Иван Еминовиќ – пијано.

Полека но сигурно годинава „Есенските музиччкои свечености“ се враќаат на своите стари патеки, и покрај тоа што кроната се уште трае, минатата година „Есенските свечености“ беа посветени исклучиво на домашните уметници. На тој начин покажавме и докажавме дека оваа наша земја располага со врвни уметници и талентирани изведувачи и автори. Она што годунава во рамки на фестивалот како меѓународно учество го вклучуваме во програмата, само треба да придонесе во збогатување на истата, рече Георгиев.

Генералниот директор на Национална опера и балет, Васо Ристов во рамки на фестивалот ја најави оперската претстава „Кармен“.

НОБ секогаш ги поддржува националните установи како и Дирекцијата за култура и Скопско лето на град скопје. Нашата соработка продолжува понатаму, и секогаш даваме поддршка за музичката култура во земјава, рече Ристов на денешната прес-конференција.

Македонската уметница Весна Ангелова Христов го најави својот концерт за во понеделник, 8 ноември, и посочи дека станува збор за камерен концерт во Музејот на македонската борба, и ги повика сите љубители на класичната музика да дојдат и да уживаат во музицирањето.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.