Холивудскиот актер Питер Фонда почина на 79 години од рак на бели дробови во неговиот дом во Лос Анџелес, соопшти неговото семејство.

Фонда беше косценарист, продуцент и глумеше во класикот од 1969 „Голи в седло“ (Easy Rider) со Џек Николсон и Денис Хупер, кој и го режираше филмот. Питер беше син на Хенри Фонда и помлад брат на Џејн Фонда. Негова ќерка е актерката Бриџет Фонда

– Во еден од најтажните моменти од нашите животи, не сме способни да ги пронајдеме соодветните зборови за да ја изразиме болката од нашите срца. Ве замолуваме да ја почитувате нашата тага и да ни дадете приватност. Додека жалиме по загубата на нашиот прекрасен човек, посакуваме сите да го слават неговиот дух и желбата за живот. Во чест на Питер, да наздравиме за слободата, стои во соопштението од неговото семејство.

Фонда имаше номинација за Оскар за најдобро сценарио за „Голи в седло“, а во 1997 имаше и номинација за Оскар за најдобар актер и доби Златен глобус за улогата во „Златото на Ули“. „Голи в седло“, независен филм во кој Фонда и Хупер играат дилери на дрога кои на мотор патуваат и американскиот југ и југозапад, го поттикна таканаречениот Нов холивудски бран на филмски автори во 1970-те. Филмот, кој го лансираше и Џек Николсон, го истражуваше социјалниот пејзаж на САД во 1960, со хипи движењето, употребата на дрога и социјалните тензии – меѓу другото, во сцените со дрогирање се користи вистинска марихуана други дроги. Беше голем хит и иако снимен за 400.000 долари, заработи 60 милиони на кино-благајните.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.