Глумицата Џилијан Андерсон, најпозната по ТВ сериите „Досие Икс“ и „Сексуално образование“, на Фејсбук проговори за својата анксиозност и како се справува со тоа.

Страдам од анксиозност и депресија откога бев средношколка и, низ годините, тоа се манифестираше на разни начини. Имаше периоди кога се чувствував многу осамена и како да сум единствената на светот што е така нервозна или исплашена – раскажува таа.

Нејзината поента е дека сѐ тоа поминува и дека оние што страдаат од анксиозност и панични напади, нема зошто да се плашат.

Сакам да ѝ кажам на помладата, помалку искусна јас, дека и во миговите кога ти се чини дека ќе умреш, нема да умреш. Сѐ ќе помине! – нагласува Андерсон.

Натаму, таа додава дека „паничните напади не мора да ти го направат животот помал“.

Прифатете ги ризиците и предизвиците во животот. И покрај анксиозноста, вие може да имате убав, исполнет, квалитетен и мирен живот. Има многу луѓе што страдаат од анксиозност, депресија и страв. И, многу од нив ќе сакаат да ви помогнат. Нема зошто да се плашите или срамите – вели глумицата.

Видеото е дел од серијалот „Анксиозноста и што би кажал/-а за тоа“ на Институтот Чајлд мајнд, каде што и други познати личности говорат за своите слични искуства.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.