Легендарниот актер и оскаровец Сидни Поатје денеска почина на 94 годишна возраст година, соопшти владата на Бахами, татковината на актерот.

Загубивме великан, јунак, учител, борец и национално богатство, напиша потпретседателот на бахамската влада, Честер Купер, без да ја наведе причината за смртта и покрај поодминатата возраст.

Актерот познат во „Бегство во синџири“ и „Во жештината на ноќта“ по игра на случајот е роден во Мајами на Флорида, на 20-ти феврурари 1927 година, додека неговите родители од соседните Бахами дошле во посета во САД, па така имаше и американско и бахамско државјанство.

Поатје беше првиот Афроамериканец кој уште во 1964 година го освои Оскарот за најдобар актер во филмот „Полските лилјани“ (Lilies of the field).

Беше потребно долго време да се дојде до ова, позната е неговата тогашна изјава искажана примајќи го признанието.

Кога во 37-та година од животот го прими Оскарот, актерот со шармантна насмевка беше единствената холивудска ѕвезда со темен тен.

Филмската индустрија тогаш сѐ уште не беше подготвена да создаде повеќе од една ѕвезда меѓу актерите припадници на малцинствата“, напиша Поатје во својата автобиографија „Овој живот“. „Во тоа време (…) ги преземав врз себе надежите на цел еден народ. Не можев да влијаам на содржината на филмот (…), но можев да ја одбијам улогата, што го сторив безброј пати“, додава актерот во своите сеќавања.

Истата 1963 година за улогата во споменатиот филм му е доделена наградата Златен глобус. Покрај тоа, беше лауреат на три награди Хенриета (1969, 1970, 1971), признанието на Сесил Б. Демил (1982), почесен Оскар (2002).

Забележителна улога остварува во „Погоди кој доаѓа на вечера?“ од 1967 година, филм кој привлекува внимание за расизмот во тој период.

Но не помалку забележителни се и ролјите кои всушност го прославиле во филмовите „Пркосните“ (The Defiant Ones, 1968), „Порги и Бес“ (Porgy and Bess, 1959), „Во жештината на ноќта“ (In the Heat of the Night, 1967), „На учителот со љубов“ (To Sir, with Love, 1967), „Погоди кој доаѓа на вечера?“ (Guess Who’s Coming to Dinner, 1967), „Бак и проповедникот“ (Buck and the Preacher, 1972)… Во текот на кариерата, Поатје играл во повеќе од 40 филмови.

Во 2002 година Сидни Поатје беше награден со Оскар за животно дело за неговите „исклучителни достигнувања, достоинството, стилот и талентираноста“.

Како препознатлива и почитувана личност, беше ангажиран и во дипломатијата на неговата татковина, имено од 1997 до 2007 година, Поатје неше амбасадор на Бахами во Јапонија.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.