Во Скопје утревечер премиерно ќе биде прикажан трејлерот за новата македонска акциона серија насловена „Тајни операции“ (Black Ops).

Серијата е во продукција на „Артистик филм продакшн“, под режисерската палка на Били Д. (Били Дурмишовски).

Квалитетната актерска екипа, составена од Дејвид Мука, Христијан Тасковски – Таско, Стефан Лазаров, Тамара Тодевска, Ана Стојановска, Игор Џамбазов и многу други, овој викенд премиерно ќе ја внесат јавноста во неизвесниот свет на „Тајните операции“, исполнет со уникатна форма на акцијата и драмата како жанрови – најавуваат од продукцијата.

„Тајни операции“ е серија која го следи Вилијам Конор, американски војник, соочен со најтешките предизвици и најголемите тешкотии во животот. Низ исклучително збунувачки збир на околности, тој почнува да ги составува изгубените парчиња од една неизмерно огромна и мрачна загатка што го води кон Балканот во Источна Европа и можноста за спасување на неговото киднапирано семејство.

Со помош на неговите пријатели Бабиќ и Нора, Конор успева да почне да ги бара слабостите на неговиот противник Сатар, за да открие дека меѓу сенките на злосторствата на Сатар, демнее многу посуптилен и опасен непријател.

Промотивниот настан за, како што ја нарекуваат, оваа нова експлозивна филмска акција, ќе се одржи на платото пред Скопје Сити Мол (од страната на Центар), а премиерата на трејлерот на „Тајни операции“ е од затворен карактер и ќе се одржи во Синеплекс.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.