Копија од српскиот филм „Тома“ почна да се шири на социјалните мрежи минатата недела, по што продуцентите на филмот Жељко Јоксимовиќ и Драган Бјелогрлиќ повикаа дека пиратеријата е кражба и дека на вистинската уметност местото не ѝ е на интернет, туку таа треба да се доживее во кино.

На страна овие нивни јавни апели, паралелно експресно е почната истрага за ова „тешко“ кривично дело.

Адвокатката Нина Вуковиќ и директорот на Антипиратската агенција Владимир Рајчиќ за српските медиуми порачаа дека секој кој ќе го сподели видеото, ќе биде кривично гонет. Засега, уапсен и сослушан е еден од осомничените за неовластено споделување на линкот што го содржи филмот за Тома Здравковиќ, но сè уште се трага по лицето кое прво ја објавило пиратската копија.

Луѓето не се информирани дека во Србија не е криминал само закачувањето на филмот на интернет, туку и споделувањето. Значи, не е нелегално да го спуштите филмот и да го гледате дома, но понатамошната дистрибуција е незаконска, објасни Рајчиќ додавајќи дека ќе биде поднесена кривична пријава за секој што го споделил линкот.

Адвокатката Вуковиќ вели дека за овие санкции предвидени се казни од 3 до 5 години затвор.

Српската јавност остро реагираше на овие пораки и самата истрага.

Пет години затвор за убиство, пет за гледање на филм. Небесен народ, се вели во еден од твитовите.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.