Француската глумица, Изабел Ипер, ја доби почесната „Златна мечка“ за животно дело на Берлинскиот филмски фестивал.

Актерката се вклучи во свеченоста на доделувањето преку видеоврска од нејзиниот дом во Париз, бидејќи мораше да го откаже своето првично планирано патување на Берлиналето поради тоа што е позитивна на корона вирус.

Ипер зад себе има 50-годишна кариера, речиси 150 филмски и ТВ-улоги, како и номинација за „Оскар“ за филмот „Таа“ (2016) и 120 други признанија.

Директорката на фестивалот, Мариет Рисенбек ја опиша 68-годишната глумица како „прилично страсна актерка“, а нејзиниот колега Карло Чатријан изјави дека улогите што ги избира таа се „ликови кои не се двоумат да ризикуваат или да му се спротивстават на мејнстримот“.

Ларс Ајдингер (46), партнер на Изабел во нејзиниот последен филм „За Жоан“, зборуваше за привидната нејзина воздржаност, која, како што истакна тој, „целосно исчезнува во мигот кога таа ќе зачекори пред камерите“.

Филмот на францускиот режисер Лоран Ларивиер беше претставен синоќа како дел од специјалната гала-проекција на овогодишното Берлинале.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.