Првата епизода на телевизиската серијата „Зоки Поки“ е објавена на „Јутјуб“. Серијата е работена според најпознатата лектира и книга на македонската писателка Оливера Николова.

Вкупно ќе се емитуваат десет епизоди од ТВ-серијата, секој понеделник и четврток во 20: 15 часот, а по емитувањето на МРТ, наредниот ден епизодите ќе бидат достапни и на веб-страницата зокипоки.мк и на официјалниот Јутјуб канал.

Главните ликови ги оживуваат: Матеј Настевски ја толкува улогата на Зоки Поки, Анастасија Аневска ја игра Лидија, Матео Матоски, односно Боки и Матеј Зимбаков го глуми Гоки.

Покрај детската екипа, во серијата играат и Сашко Коцев и Даниела Иваноска, кои ги глумат родителите на Зоки и Сабина Ајрула-Тозија, која ќе ја видиме во улогата на неговата баба.

Модерната екранизација на култната детска книга на писателката Оливера Николова, е во продукција на „Кино око“, во копродукција со Македонската радио-телевизија и со финансиска поддршка од Агенцијата за филм на Македонија. Главен продуцент е Роберт Насков.

Режисери на серијата се Александар Поповски и Марија Апчевска, а режисери на епизоди се и Даријан Пејовски и Радован Петровиќ. Сценаријата за серијата ги пишуваа Сашо Кокаланов и Билјана Црвенковска.

Десетте епизоди од првата сезона обработуваат внимателно одбрани теми и приказни од книгата со која имаат израснато многу генерации.

Серијата се снимаше лани во август и септември на повеќе локации во Скопје.

Директор на фотографија е Кристијан Војдановски, сценограф е Иван Бартлинг, костимите се на Жаклина Крстевска, композитор на музиката е Александар Пејовски, а на песните Александар Митевски. Монтажата е на Атанас Георгиев, Благоја Неделковски, Драган Алексов и Софија Самоиловска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.