Акциите на популарната стриминг страница, „Нетфликс“ вчера за неколку часа паднаа за речиси 20 отсто, откако кварталниот извештај на компанијата покажа дека растот на претплатниците е под очекувањата.

„Нетфликс“ во четвртиот квартал додаде 8.28 милиони нови претплатници на глобално ниво,или малку под сопствената прогноза од 8.50 милиони и периодот го заврши со 221.84 милиони претплатници.

Во текот на последниот квартал компанијата додаде 1.19 милиони клиенти во регионот на САД и Канада, додека во регионот на Европа, Блискиот Исток и Африка (ЕМЕА) додадени се 3.54 милиони нови претплатници. Во Латинска Америка (ЛАТАМ) приливот на претплатници нарасна за 0.97 милиони, а во Азија-Пацификот (АПАС) се зголеми за 2.58 милиони.

Во првиот квартал од оваа година „Нетфликс“ очекува да додаде 2.50 милиони претплатници.

„Нетфликс“ смета дека зголемената конкуренција од другите стриминг компании е причината за забавување на нови претплатници.

Потрошувачите отсекогаш имале голем избор кога е во прашање нивното време за забава – натпревар кој се интензивира во последните 24 месеци, откако компаниите за забава насекаде во светот развија сопствена стриминг понуда – изјави компанијата.

„Нетфликс“ додаде дека „додека оваа конкуренција можеби влијае на нашиот маргинален раст, ние продолжуваме да растеме во секоја земја и регион во кои се појавија овие нови стриминг алтернативи“.

Компанијата ја објави заработката за четвртиот квартал, а таа е зголемена во однос на истиот период минатата година и ги надмина проценките.

Заработката е 607 милиони долари или 1.33 долари по акција. Во претходниот четврти квартал, заработката беше 542 милиони долари или 1.19 долари по акција. 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.