Пред концертот на 16 февруари, Жељко Самарџиќ во интервју за „Република“ раскажа некои интересни случки од неговиот живот.
Доаѓате на концерт во Скопје на 16 февруари. Што да очекува македонската публика? што и подготвивте? Има ли некакви изненадувања?
-Концертот е на 16 февруари, Јас веќе ја навикнав публиката на моите концерти да очекуваат прекрасна журка од почеток до крај да пејат заедно со мене. Среќа што мојот вкус се поклопува со нивниот и тоа е привилегија за еден пејач. Имам колеги кои треба да изведуваат на концертите туѓи песни за да го пополнат репертоарот. Јас навистина имам многу песни, а овој пат доаѓам во Скопје побогат за цел албум кој не сум го пеел во Скопје. Се разбира, подготвив една специјална песна, која за прв пат ќе ја пејам во Скопје. Досега никаде не сум ја свирел. Планот ми е таа во февруари да излезе во етер.
Имате нов албум и нов имиџ? Од каде идејата за ваква промена на изгледот?
-Минатото лето имав концерт во Охрид во Античкиот театар. Тоа беше преубав концерт. Јас малку доцнев бидејќи дојдов од мојата куќа на море, каде престојувам подолго време преку летото и бев целосно опуштен и психички и визуелно. Таму бев извесно време на брод со пријатели и пуштив брада. Изгледав како Робинзон Крусо, како волк самотник. Бидејќи задоцнив за концертот немав време да се избричам за концертот и смислив да се качам на бината и да речам: Жељко Самарџиќ сеуште не е стигнат, а јас ќе ви отпеам неколку песни додека не дојде тој. Тоа беше мошне симпатично и од моментот кога почнав да пејам публикатапочна да се смее да пее со мене и многу убаво го прифати сето тоа….
Како реагираше околината на вашата промена, пријателите, колегите…?
-Некои велеа избричи ја брадата, на некои им се допдна, но кога целиот изглед го стилизирав комплетно почнаа подобри коментари. Во моментов е актуелен хипстерски фазон, па во таа смисла им се допаѓаше мојот нов изглед. Мислам дека е добро да се менуваме. Ако ги погледнете низ годините наназад моите фотографии ќе видите дека сите се различни од различни периоди и јас постојано се менувам. Засега се чувствувам добро со мојот изглед, а дали ќе се избричам не знам, но морам искрено да ви кажам дека повеќе внимание посветувам на себе откако имам брада и мустаки бидејќи треба се да биде на свое место. Многу ми е полесно кога се изгледа како што треба.
Дали имавте ситуации да не ве препознаваат поради новиот изглед?
-Се разбира. Се запознавав со некои луѓе повторно. Многу ми беше симпатично што Миња Субота седеше покрај мене половина час, се додека Бора Чорба не рече: За оние кои не знаат ова е Жељко Самарџиќ. Човекот ме прегрна, вели цело време седам до тебе, а не те препознав. Тоа е секојдневие. Пред некој вечер на концерт во Белград со синот на Синан Сакиќ се запознавме повторно. Тој вели не ве познавам, а јас му раскажав дека кога имал 5 години татко му го донесе во мојата гардероба да го запознае со мене. Го прашав дали знае кој сум и кога му кажав дека сум Жељко Самарџиќ, скокна да ме прегрнува.
Откако во 1995 година на будванскиот фестивал ја отпеавте „Сипајте ми још један виски“ станавте миленик на публиката, а во вашите хитови уживаат сите генерации. како почнавте да се занимавате со музика?
-Во 1995 година кога ја добив наградата за интерпретација на будванскиот фестивал за песната „Сипајте ми још један виски“, која вели: „Сипајте ми још један виски, јер срушио се сав мој свет…“, во тој момент целиот мој свет се промени, на подобро, се разбира. Едноставно тоа е некоја круна на дотогашното мое пеење и настапување. Јас бев непознат пејач, но правев големи турнеи по Советскиот сојуз и милиони плочи продадов. Само Русите знаеја за мене. Таа 1992 година кога заедно со семејството дојдов во Белград да тргнеме во нов живот се запознав со Марина и Тута и потоа веќе позната е приказната според која течеше мојата кариера и живот. Едноставно тој фестивал и таа песна ми го сменија животот. А потоа песните само се редеа. Следуваше и познанството со Саша Драгиќ, кој ми направи многу убави песни…Мислам дека е добро луѓето да те паметат по убави песни и по добро.
Како ги одбирате песните?
-Ги одбирам според моите пеперутки во стомакот. Кога овде внатре ќе ми се размрда нешто, тогаш тоа е она вистинското. Јас не сум од оние луѓе кои велат дај ми време да ја слушам неколку дена и ќе ти се јавам. На прва ја слушам и веднаш знам дека тоа е тоа. Досега тоа се покажа како добар избор.
Вашите песни говорат за љубовта. Каков сте вие во љубовта? Како бевте кога ја сретнавте сопругата? Дали веднаш знаевте дека таа е вистинската?
–Во 1972 година дојдов од војска и размислував за семејство. Моето семејство беше прекрасно. Моите родители одлично се согласуваа до крајот на животот. Секогаш имаше хармонија, не воспитуваа да се сакаме, да ги почитуваме луѓето од сите нации. Тоа беше она југословенско воспитување. Мојот татко беше офицер на ЈНА. Кога дојдов од војска и јас сакав да сретнам некоја сродна душа и да основам семејство. Семејството за мене е закон. И навистина се случи. Пеев на една игранка во едно училиште и таму ја запознав мојата сопруга. Подоцна и пеев и на нејзината матурска забава и тогаш вечерта на матурата јас и реков дека има две солуции: едната е да оди во својот дома, а другата да појде со мене во мојот дом. И таа одлучи да појде со мене и еве тоа трае 40 години.
Имате три ќерќи. Како е да се живее со толку жени. каков татко бевте? На што ги учевте ќерќите и што мислите дека е најважно за децата?
-Мислам дека поголема улога во сето тоа имаше мојата сопруга Маја, бидејќи во периодот кога најмногу им требав и им недостигав како татко, мене ми се случи кариерата и јас постојано бев отсутен од дома. Затоа сега сум најслаб на мојата најмлада ќерка Миња, бидејќи неа најмногу и недостигав. За неа бев „чичкото од телевизија“. Мислам дека можам да бидам горд како родител со три ќерќи. Дојдов со три девојчиња во Белград, во милионски град, во неизвесна иднина, но денеска сум горд. Тие три навистина се прекрасни. На сите им пеев на матурските забави. Ако ми верувате дека ниту еден од нивните другари не знаеше дека јас сум нивниот татко. Јас се појавив тие врескаа од среќа: од каде сега Жељко Самарџиќ на нашата матура. Отпеав и им реков: Ве сакам сите и ви ја честитам матурата, а посебно на мојата ќерка Сања…И сите скокнаа па Сања не си ни кажала, а професорите секогаш имаа пофални зборови за нив и велеа дека се скромни.
Имате и внуци. Какво е чувството да бидете некому дедо?
-Да, секој момент го користам да бидам со внуците. Да речеме, најслаб сум на мојата Нина. Таа има полни 7 години, оди во училиште и со неа играм „Домино“, „Човече не лути се“…Секогаш кога имам можност го поминувам времето со нив и сакам да го паметат дедото по добро.
Животот се состои од солзи и смеа…Што е најтажно, а што највесело нешто во вашиот живот?
-Најтажен момент во мојот живот беше кога го загубив синот. Тоа беше второ дете доби преплет на цревата, мало бебе беше-имаше 4 месеци и тоа беше голема трагедија за нас. Секогаш тој јануарски датум мојата сопруга Маја го преболува на свој начин. А најубавиот момент беше кога ми се насмевна среќата и кога мојата кариера тргна во нагорна линија и тоа е нешто што ќе го паметам додека сум жив. Тоа е нешто што по бродоломот во Босна и Херцеговина, дојдов на копно во Белград и почнав да градам од почеток нешто што веќе го имав.
Што ви донесе, а што ви однесе музиката?
Музиката ми донесе се. Ништо не ми одзеде. Се ми донесе.
Имате ли омилена песна?
-Да, моја омилена песна е песната која сеуште не сте ја слушнале, а ќе ја изведам премиерно на концертот во Скопје. Песната се вика „Можда“, а јас секогаш уживам во нови, свежи песни и се радувам кога не се само мои.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Comments are closed for this post.