Уште од 1992 година Елтон Џон ја одржува најдобрата пред-оскаровска забава, за која се бара билет повеќе, а се собираат донации за неговата фондација за поддршка на лицата заболени од сида. Оваа година работите се поинакви, односно забавата ќе се одржува во живо преку интернет, а ќе може да присустува секој кој сака, само треба да уплати 20 долари за влез. За таа цел музичарот веќе сподели видео на социјалната мрежа Тик Ток, како и на својата веб страница.

Во видеото се појавува Елтон Џон облечен во пењоар и папучи, држејќи правосмукалка, а покрај него е неговиот сопруг, Дејвид Фурниш. Тие прават пародија на ситуацијата која моментално владее низ светот, поради ковид-пандемијата и ги прашуваат гледачите дали им е здодевно во локдаун. Потоа Елтон пука со прстите и тие се појавуваат дотерани во одела, а пејачот го објаснува случувањето.

@eltonjohnyou’re invited!! link in bio!!!! @dualipaofficial #ejafoscars #levitating #dualipa

♬ Levitating – Dua Lipa

Оваа година ви ја носиме оскаровската забава дома, за прв пат ќе имате виртуелна незаборавна вечер со мене, Дејвид, нашиот драг пријател Ник Патрик Харис, неверојатната Дуа Липа и уште многу славни имиња. Во оваа ситуација на пандемија не смееме да ги заборавиме 38-те милиони луѓе ширум светот, кои се борат со ХИВ-сида и имаат потреба од лекови, грижа и поддршка – вели Елтон Џон.

За да можат да присуствуваат што повеќе луѓе на настанот, а поради различните временски зони, предвидено е да се одржат четири забави во два дена 25 и 26 април, кои ќе траат по 60 минути.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.