Поранешната сопруга на Елтон Џон, Ренате Блауел, се обидела да се самоубие на нивниот меден месец во 1984 година, покажуваат документи доставени до Високиот суд во Лондон, пренесува „Би-Би-Си“.

Блауел вели дека се предозирала со Валиум, откако нејзиниот сопруг на третиот ден од нивниот престој во Сент Тропе и рекол дека бракот не функционира и дека сака да си замине.

Тврдењето беше дел од нејзината тужба против пејачот, поднесена претходно оваа година, во која бара износ од 3 милиони фунти како отштета од Елтон Џон, поради кршење на условите на нивниот договор за развод. Пејачот е обвинет дека го спомнал нивниот брак во неговата автобиографија во 2019 година и филмот „Рокетмен“.

Блауел вели дека тоа ги влошило нејзините долгогодишни проблеми со менталното здравје, бидејќи се нашла во медиумите и во центарот на вниманието на јавноста и, наводно, потрошила илјадници фунти на терапија.

Нејзиниот адвокат наведе обид за самоубиство и серија напади на паника за време на нивниот брак, како доказ за долгогодишните ментални проблеми од кои страда неговата клиентка.

Блауел, инженерката за звук со потекло од Германија, била во брак со Сер Елтон четири години и се држела надвор од очите на јавноста уште од 1988 година, кога бракот официјално заврши.

Адвокатите на Елтон Џон го потврдија постоењето на договорот за развод, кој беше потпишан од обете страни, но отфрлија какво било прекршување на условите или нанесување на „психолошка штета“.

Елтон Џон денес е среќно оженет со маж.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.