На актерката и пејачка Оливија Њутн-Џон (70) по трет пат ѝ се врати ракот. Не сака да размислува, како што вели, за тоа колку ѝ останало уште живот.

Оливија отворено зборувала во емисијата „60 Минути Австралија“ за тоа како е да се живее со ракот од четврти (последен) стадиум, пишува Си-ен-ен.

Кога ќе добиете дијагноза карцином или каква било застрашувачка дијагноза, одеднаш добивате ограничено време за живот. Ако некој ви каже дека имате уште шест месеци живот, толку веројатно и ќе живеете, бидејќи сте поверувале во тоа. Затоа, за мене, психолошки, подобро е да немам поим што лекарите очекуваат или колку долго живеела последната личност со таква дијагноза. Затоа не сакам ни да знам – рекла Оливија.

Ѕвездата, омилена во холивудските кругови, првпат дијагнозата рак на дојка ја добила во 1992 година. Потоа, повторно во 2013 година. Но, таа битка одлучила да ја задржи за себе. Сега, кога ракот пак се вратил, Оливија рекла дека зема масло од канабис кое ѝ помага со болките.

Постојано мислам дека канабисот многу помогна. Ако не ги земам капките, чувствувам болка, така што знам дека има ефект – додала актерката.

Оливија паузира од снимањето и работата па се фокусирала на помагањето на другите.

Ѕвездата на култниот мјузикл „Брилијантин“ организирала аукција за некои свои сувенири, вклучувајќи го и славниот кожен стајлинг кој го носела на снимањето на легендарниот филм со Џон Траволта.

Оливија во емисијата изразила и благодарност за секој нов ден:

Многу сум среќна што го поминувам ова веќе трет пат и сè уште сум тука. Живеам со тоа. Сега секој ден ми е подарен!

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.