Моделот Стефан Спирковски е еден од двајцата повредeни кои паднаа во бездна возејќи се со четирицикл, пред два дена на планината Караџица.

Тој се обрати преку видео порака на социјалната мрежа Инстаграм. Вели дека заедно со сестра му и со друштво на други брат и сестра и нивниот татко, со три квадрицикли биле во Бегово Поле.

На враќање, Илина, другарката на сестра ми, сакаше да вози. Јас бев совозач, на една кривина излетавме и паднавме во провалија длабока некои 50 метри. Среќа што имавме кациги. Ситуацијата беше страшна. Удрив во еден камен. Се имав задржано на две гранки, и така чекав некои 4 часа да дојдат од Пожарната служба и од Црвен крст, мислам. Ме ставија на кревет и со дигалка ме креваа нагоре. Можеше да биде многу полошо, вели тој и најави дека следен пат ќе се обрати кога ќе излезе од болница, зашто при падот му се скршил и телефонот.

Стефан се здобил со скршеница на десната рака и на две ребра и има мало оштетување на црниот дроб. Ноќта кога бил донесен во болница бил опериран.

Митровден е мојот нов роденден. Голема благодарност до Итната помош, Противпожарната екипа и вработените на Ургентен центар. Фала ви на сите за грижата, напиша Стефан во својата објава на Инстаграм.

Неговите пријатели и следбеници му посакаа брзо закрепнување.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.