Лепа Брена или Фахрета Јахиќ, една од најголемите и најпознатите пејачки на сите времиња на просторот на поранешна Југославија доаѓа на 15 декември во Скопје да одржи концерт, кој е дел од големата турнеја со која одбележува 35 години професионална кариера. Нејзините концерти секогаш се визуелно и сценски мошне интересни. Брена е прва пејачка од овие простори на која и успеа да ги наполни стадионите ширум Југославија и на Балканот, направи видео-револуција во тоа време снимајќи скапи видео-спотови на езготични локации ширум светот, прва воведе новитети во поп жанрот, а ја сруши и гледаноста во сите кино-сали ширум Југославија со трите дела од филмот „Хајде да се волимо“ (Ајде да се сакаме). Пред скопската публика ќе пее на микрофонот кој и го подари нејзиниот сопруг, Слободан Живоиновиќ. Истиот оној микрофон на кој пее Адел, а чини 38.000 евра. Брена ни раскажа дека микрофонот го видела на концертот на Адел во Лондон и како што рече „кога го слушнав звукот, тоа за нас професионалците е како кога мажите ќе здогледаат некој убав автомобил, или некоја згодна девојка“. За него чекала 6-7 месеци да и го одобрат и да го направат, а специјална екипа од „Сен-Хајзер“ пристигнала во Белград на концертот и работела на звукот. Како што рече самата „токму тој микрофон на најдобар можен начин може да и го пренесе на публиката тоа што таа го чувствува во душата и да ја пренесе енергијата“.

Блескавата кариера почнува со настапите со „Слатки грех“. Како почнавте да соработувате со Саша Поповиќ?

-Мислам дека тоа е судбинска приказна. Јас студирав во Белград, туризам на Природно-математичкиот факултет. Кога тргнав на факултет добив нови чизми и палерина. Се сеќавам дека стоев на автобуска станица како и секој студент и чекав да дојде автобусот, но почна да дува Кошава. Тогаш за прв пат се сретнав со белградската кошава и почна да неверојатно силен дожд. Лиеше како небото да се отвори. Јас стоев на автобуската станица која во тоа време немаше покрив, имаше само табла со возен ред и толку. Автобусот не доаѓаше, јас накиснав по долгото стоење и чоената палерина толку многу се натопи од дождот, што ми тежеше на рамената. Во меѓувреме некое мало куче ме погледна во очи и дојде се стутка покрај моите нозе, сакаше да се сокрие од дождот и го ставив меѓу нозете, го заштитив да не наврне. Погледнав во небото и одеднаш пукна силна молња, го распара небото. Во тој миг јас се освестив и си реков: Е, Брено повеќе ниту капка дожд нема да падне на тебе, ако тоа сама не го одлучиш. Во меѓувреме дојде автобусот се разделив со кучето, уште се сеќавам на погледот и на секоја шара на него, и тогаш донесов една судбоносна одлука: „Одам за Брчко, морам да ја разбистрам главата!“ Отидов во изнајмениот стан во кој живеев во Белград на улица „Јуриј Гагарин“, ја соблеков водената пелерина, облеков топла облека, го земав куферот и бидејќи немаше место во автобусот до Брчко , цел пат го поминав седејќи на куферот. Така лута и бесна, бидејќи не можев да функционирам, кога дојдов дома им реков на мајка ми и на татко ми дека ќе одам во Хотел „Галеб“, тогаш така се викаше, каде прв пат ги видов „Лира шоу“, всушност идниот „Слатки грех“. Кога ги слушнав како свират многу ми се допаднаа бидејќи ги свиреа песните од цела поранешна југословенска сцена и светска музика, а имаа една фантастична пејачка, која одлично изгледаше, но тоа не ме поколеба. Се запознав со тапанарот Мио и со гитаристот Зоран и ги прашав дали може да отпеам неколку песни. Сметав дека треба да ја земам судбината во свои раце, да почнам да работам и да не чекам да ми падне нешто од небо. Тогаш се запознав и со Саша Поповиќ, кој ми рече дека веќе имаат пејачка. Јас самоуверена продолжив да го убедувам дека ваква пејачка, како мене, ниту слушнале, ниту виделе, а сега ќе имаат прилика. Се разбира, Саша беше многу изненаден од мојот одговор, но морав да бидам малку груба за да го свртам вниманието кон мене. Отпеав 5-6 песни, тие беа воодушевени од мојата изведба и енергија, публиката ме награди со аплауз, сепак тие беа мои сограѓани од Брчко, но повеќе сакаа да ја гледаат онаа другата пејачка бидејќи таа беше многу посексипилна од мене.

Интересна е средбата и реакцијата на Вашиот татко со Саша Поповиќ..

.-По овој настан се вратив во Белград, за два месеци добив телеграма со која ме викаа да се вратам во Брчко за да разговараме за мој постојан ангажман во „Лира шоу“. Мислев дека тоа е некоја шега и им се јавив на моите родители кои ми потврдија дека тоа е вистина. Дојдов по неколку дена, Саша седеше во костум и вратоврска пред моите родители. Татко ми донесе некој ракија и цигари за да пушат и се сеќавам дека Саша тогаш праша дали би ме пуштиле родителите јас да пејам со нив. Вети дека тие ќе се грижат за мене, дека ќе ми бидат како второ семејство, а мојот татко на сето тоа рече: Ти сакаш да бидеш кафеанска пејачка? Јас реков дека не гледам во тоа ништо лошо и дека секој треба од некаде да почне. Сметав дека тоа ќе биде добра основа за мојот факултет, кој навистина сакав да продолжам да го студирам, бидејќи ќе можам сама да се издржувам. Во тоа време веќе ја почувствувавме како семејство, како впрочем и цела Југославија кризата која не зафати. Татко ми беше прилично разочаран, не го избрка Саша и успеав да ги убедам да ми дадат шанса дека нема да ги изневерам.

Родителите стравуваа за Вашата иднина. Какво беше вашето семејство? Кој ги носеше одлуките?

-Тие се плашеа, како што секој родител би се плашел за своето дете. Особено ако е женско. Стравуваа да не се случи нешто непредвидливо, тоа да не влијае на некои мои морално-етички квалитети, знаете на што мислам. Така што кога се договоривме дека јас можам да пејам со нив, искрено да ви кажам, татко ми со тешко срце го прифати тоа. Кај нас во семејството беше и матријархат и патријархат, но секогаш се даваше важност на машката одлука. Тако ми одлучуваше на крајот што ќе се случи и како ќе се случи.

По договорот почнувате со настапи…

-Кога добив „зелено светло“ некако ми олесни дека можам да пробам и си реков себе си дека ќе дадам се од себе да направам нешто во својот живот. Како што знаете ја искористив таа можност максимално.

А какви сте сега Вие во улога на родител? На што ги учевте вашите деца? Што е најважно во животот?

-Видете, она што беше важно кога јас бев дете и подоцна кога пораснав е битно и денеска. Важно е да ги научите што е морално, што не е , што е етички, што не е етички. Да им дадете многу љубов во семејството. Да сфатат и да научат дека семејството е секогаш тука кога се решаваат проблеми и дека семејството секогаш е најголема поддршка. Семејството треба да се негува, да се почитува и дека мора да постои хиерархија во семејството. Да се знае кој е татко, која е мајка, кој е дедо, кој е баба. Секако, сето тоа се учи со некаква љубов. Децата треба да научат и дека училиштето е многу важно. Дека едукацијата е нешто што ве учи како да бидете светски човек. Како низ учењето да се пронајдете себе си. Не за да го завршите школото, туку да се стекнете со животни и морални навики. Да научат дека животот од најмали нозе има некакви кодекси и правила и да научат да бидат трудољубиви ученици, луѓе кои се вредни во животот. Се согласувам дека училиштето и семејството не се доволни и дека децата многу учат и на улица, но треба да ги нахраните со знаење и со љубов. Не е важно дали сте богати или сиромашни, мислам материјално, , бидејќи секогаш најуспешните луѓе биле оние кои потекнуваат од сиромашни семејства и од мали места. Значи што се цени денеска во животот? Денеска се цени вашето знаење. Тоа е она што јас и Боба ги научивме децата. Тие навистина се познати, но треба да бидат и признати. А ќе бидат признати во оној момент кога ќе ги покажат своите способности и професионално, но и своите човечки, морални вредности.

Брена била темпераментно дете, па во петто одделение по казна морала да пее на натпреварот „Мали градители“, каде го освоила првото место со песната на Кемал Монтено, „Свири и пријателу, мој“. А еднаш пред Нова година сакала во уста да сокрие лампион кој многу и се допаѓал…

-Ме потсетивте колку бев хиперактивна и мошне палаво дете. Мојата мајка секогаш имаше проблем со мене постојано да ми дава некакви обврски за да се измори преку ден за мирно да заспијам навечер.Тоа беше кога имав 3 или 4 години. Најдобрата пријателка на мајка ми, тетка Василија, донесе од Германија за прв пат, украси за елката, кои беа многу сјајни и многу ми се допаѓаа, зошто во тоа време во Југославија ги имаше само оние мали пластични лампиони на кои се сеќаваат сите од постарата генерација. Јас отидов со мајка ми кај Василија и кога ја видов таа сјајна топка, додека мајка ми пиеше кафе со пријателката, ја извадив од елката, ја пикнав во уста и сакав да ја носам дома, а никој да не забележи. Мајка ми кога ме виде дека заминувам ме праша дали ќе одам на ручек, зошто си одам итн., а јас така ја пикнав топката в уста што надвор ѕиркаше алката за закачување и тоа беше најсмешната сцена во мојот живот. Мајка ми ме викна, ме фати за уста и ми ја стегна, лампионот излезе од устата и добив тегнење за уши, казна…

Во минатото некако имаше други вредности, повеќе почит…

-Во последно време кога ги гледам медиумите некако сум тажна и разочарана, бидејќи некогаш во медиумите се појавуваа само оние вистинските, големите, најголемите. Јас израснав во земјата која се вика Југославија, имевме прва и втора програма на телевизија и на нив можевме да ги видиме најголемите и најдобрите, спортисти во нашата земја и во светот, најдобрите и најголемите актери, пејачи, кај нас и во светот, најдобрите композитори, најдобрите писатели, сликари, лекари, најголемите научници, така што многу сум горда на земјата во која пораснав и горда сум на информациите кои ги имав тогаш уште како дете. Она што на некој начин ме разочарува е фактот, кој е денеска во медиумите и што прво читате. На вестите на телевизија, или на порталите, секогаш тоа се некакви шокантни вести и нешто што никогаш не би требало да се појави на телевизија, во весник или на портал. Моја желба беше да направам нешто на таа тема, па сакав да видам дали сеуште постои публика која ги цени луѓето кои работат нешто на вистински начин. Затоа направив еден документарен филм кој се вика „Слатки грех на Лепа Брена“ во три дела од по 40 минути каде сакав на сите оние кои не знаат која сум јас и оние кои знаат, да ги потсетам, како една млада девојка од еден мал град, од едно прекрасно работничко семејство со својата работа, талент и амбицијата успеа да трае.

Што би им порачале на младите колеги?

-Сепак, сакам да нагласам дека јас успеав на еден нормален начин и да им испратам порака на сите млади луѓе дека денеска не мораш да бидеш ниту луд, ниту гол, ниту разголен, за да направиш нешто во својот живот. И денеска е потребно да бидеш талентиран, вреден и квалитетен, бидејќи единствено тоа ти дава кредибилитет да функционираш, да вредиш и да траеш и да останеш траен.

Концертите Ви се секогаш визуелно и сценски мошне интересни. На преполните стадиони слегувате од хеликоптер, секогаш ја изненадуваше публиката со танчери, костими, визуелни ефекти…

-Оваа година славам 35 години од мојата професионална кариера. Никогаш не мислев дека толку години ќе пејам и ќе се занимавам професионално со оваа работа, која е исклучително напорна и која бара голема жртва. Како да учествувате на Олимписки игри секоја година. Меѓутоа мојата љубов кон публиката и кон песната ми даде многу сила и ми ги рашири крилјата да се чувствувам најдобро кога сум на сцената и кога чувствувам дека сум го погодила вкусот на мојата публика. Сметам дека мене мојата публика ми е важна на било кој крај од светот, а посебно Скопје и Македонија, каде секогаш сум доаѓала и сум настапувала последниве 35 години. Оваа публика секогаш ми била важна. Без оглед каде пејам јас секогаш сакам на мојата публика да и приредам она што е најдобро и продукциски и концертно и емотивно, душевно, пејачки. Исто како што беше во Белград, исто ќе биде и во Скопје.

Скопје беше извесно време дом на Брена…

-Тоа се прекрасни спомени. Во Македонија сум одржала многу, навистина многу концерти. Не верувам дека било која пејачка, без оглед од било кое време, успеала да одржи толку многу концерти, бидејќи ние со „Слатки грех“ во период од 1982 до 1991 година работевме по два концерти дневно. Бев мошне добро подготвена кондициски и мислам дека таа кондиција ми помогна и денеска да можам да издржам концерт од 2 часа пеејќи на високи потпетици.Во Скопје живеевме кога Стефан беше многу мал. Имаше некаде 5-6 години, а Боба, мојот сопруг, Слободан Живоиновиќ отвори генерално застапништво за автомобили од марката „Мерцедес“ во Скопје. Живеевме на една куќа на Водно и мислам дека тоа ми е еден од најмирните периоди во мојот живот, бидејќи јас сум личност која го чувствува просторот, местото, енергијата, луѓето…Се чувствував фантастично, уживав што бев тука, патував и работев и во Белград и низ Европа, но ми беше драго што се враќав во Скопје бидејќи човекот секогаш кога оди некаде се плаши дали ќе му биде добро таму. Морам да признам дека Скопје имаше одлично влијание на мене дека секој пат кога доаѓам се чувствувам како да сум дошла во својата втора куќа.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.