Горан Пандев е официјално избран за Маж на годината за 2020 година во избор на овогодинешното издание на официјалниот избор на Мажи на годината во Македонија.

Овогодинешното издание на Мажи на годината оваа година, поради предизвиците со корона вирусот и пандемијата која го зафати целиот свет, се одржа во формат на ТВ шоу, во кое се доделени наградите на 13 најуспешни Мажи во Македонија за 2020 година.

Наградата за Менаџер на годината ја понесе Петар Денковски, генерален директор на Веро, наградата за Млад менаџер на годината отиде кај Владо Цекиќ, а за Маж странец во Македонија за 2020 наградата отиде во рацете на Билал Суџибаши, генералниот директор на ХалкБанк.

За Маж со стил за 2020 година е избран Пако Радовановиќ, архитект. Во изборот на Маж на годината според социјалните медиуми наградата отиде кај хуманитарецот Али Февзи.

Оваа година стручното жири одлучи наградата за Маж со најголем придонес во општеството оваа година отиде во рацете на целокупниот медицински тим кој неуморно се бори веќе 9 месеци со корона вирусот. Во нивно име наградата ја подигнаа доктор Виктор Исијановски, директор на Здрваствен дом Скопје и Милица Бубало, раководител на Брзата помош.

Наградата за Маж со најголем придонес во спортот припадна на Македонската Фудбалска Репрезентација, а наградата ја подигна селекторот Игор Ангеловски.

Маж со најголем придонес во културата за 2020 година е Џијан Емин. За Хедонист на годината наградата отиде во рацете на Ѓорѓи Дамјановски, бизнисмен, а за Маж на годината до 40 години наградата замина кај Радован Витошевиќ, генерален директор на МајВорлд.

За Маж со трајни вредности е избран нашиот познат музичар Влатко Стефановски кој неуморно низ годините ја претставува Македонија низ светот.

Мажи на годината е настан кој се организира со цел да ги обедини и поврзе на едно место најуспешните мажи во Македонија, да ги промовира добрите навики и успеси кои ќе бидат вистински мотив за секој од нас. Овој настан има за цел да го подигнат квалитетот на животот и личниот развој кај секој од нас, истовремено оставајќи позитивна слика во јавноста.

Среќни сме како организатори на првиот официјален избор на мажи на годината и покрај сите предизвици пред кои се соочивме годинава, што успеавме да ги прославиме и оваа година најуспешните мажи кај нас. Среќни сме што заедно со нашиот тим донесовме една позитивна енергија во ова тешко време и ги славиме и наградуваме успесите со цел да промовираме позитивна енергија која би сакале секој од вас да ја носи во себе. Благодарност до сите медиуми и жири комисијата  кои ни дадоа максимална поддршка во текот на овие неколку недели. Посебна благодарност до МРТ кои оваа година го препознаа овој настан, и овозможи целокупната јавност да има можност да ужива во овој настан – изјавија од организаторите.

Изборот на Мажи на годината е во организација на Џентлмен Магазин и Фрајдеј Комуникации.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.