Многу досега некажани приказни од неговите пријатели, со многу сеќавања, емоции и песни – вака помина Еден на Еден епизодата посветена на Тоше Проески.

Новинарката Соња Алексовска Неделковска, автор на книгата за Тоше и сопруга на текстописецот Огнен Неделковски, зборуваше за првите средби со Тоше, за неговите девојки, за тоа колку енергија и невиност носеше во себе. Таа откри како настанале дел од првите песни како „Во коси да ти спијам“ и „Сонце во твоите руси коси“.

Елена Ристеска откри дека навистина ѝ значело пријателството со Тоше.

Знаевме со часови да се возиме и да слушаме музика, откри пејачката додавајќи дека иако никогаш немало ништо повеќе меѓу нив, многу добро се разбирале меѓусебно.

На ова, Жаре ја праша „Како од женски аспект, да се запознаеш со Тоше, а да не се заљубиш или да се заљубиш?“

Немаше некој што не е заљубен во него без разлика да го познаваше или не. Така што сам си го даде одговорот на прашањето. Кога ние всушност се запознавме, нели го познавав само како пејачот Тоше Порески, но подоцна како што го запознавав како човек уште повеќе ми беше залепен за срце како човек, пред се како другар бидејќи со таков тип на темпо на живот и на професија каква што имаме ние, посебно во тој период бидејќи тој беше многу голема ѕвезда, а јас бев на почеток на кариера да речеме, некако не се замислував во некаква посериозна приказна. Не знам зошто, но убаво знаев да си го исконтролирам тоа убаво чувство што си го имав за него. Кога го купи новиот џип, тоа беше последната проба пред последниот концерт. Тогаш се видовме на пробата и она што беше интересно, јас сакав да му ја пуштам тогаш новата песна „Кревета два“, подоцна и му ја посветив на еден фестивал. Бидејќи ја слушна прв, тој да се пофали нели со новиот џип се зазборевме саат време. Се сеќавам дека не беше на пробата,доцнеше, си седеше внатре и зборувавме. Се појави Роки(гитара, придружен вокал) и праша што правите вие саат време, но тој само се насмеа и никој не можеше нему да му се налути, раскажа Елена.

Иван Мирчевски зборуваше за 2004, годината кога како шеф на евровизиската делегација со Тоше заминаа во Истанбул.

Имаше доста сплетки Тоше да не добие добра песна за „Евровизија“, открива Мирчевски додавајќи дека е огорчен за сè она што тогаш се случувало.

На крај, во студиото Жаре го пречека и внукот на Тоше, Кристијан Ристески, кој зборуваше за својот вујко и сите моменти на кои се сеќава.

Низ целата емисија на песните на Тоше заедно со неговиот бенд – Гуру Харе бенд, потсетија Елена Ристеска, како и Антониа Гиговска и Александар Тарабунов, кои беа дел од мјузиклот „Тајно моја“.

Покрај емисијата, „Еден на Еден“ вчера на „Јутјуб“ го објави документарниот филм „По тебе“, кој во 2011 година, како дел од А1, го создаде Жаре заедно со екипа од телевизијата. Филмот беше прикажан само еднаш на телевизија, но сега е достапен на каналот на „Еден на Еден“.

Во него ги гледаме Игор Џамбазов, Калиопи, Гаро Тавитјан и уште многу пријатели и соработници на Тоше Проески.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.