Атанас Кирјаковски

Ниту еден авторитарен режим во историјата на модерните држави не дошол на власт со слогани и наративи од типот „за ваше зло“, „дојдовме да ве испокрадеме“ и „ни е гајле за вас“. Напротив, режимите најчесто се водат од принципот „за ваше добро“ кога го убедуваат народот да ги поддржи и да ги доведе во позиција на моќ. Иако на слични наративни возат и продемократските влади, сепак разликата со авторитарните режими е во тоа што првиве се способни и желни да си ги признаат грешките и изневерувањата кои не довеле до ветеното „наше добро“ и честопати знаат да поднесат политичка и морална одговорност преку оставки или распишување на нови избори. Вториве пак, никако и никогаш нема да признаат дека го паразитираат и угнетуваат истиот тој народ на кој му ветиле „добрини“ и секогаш продолжуваат по истиот принцип правдајќи си ги својот криминал, аморал и антихуманизам со истите проклети зборови – дека сѐ што направиле, го направиле „за ваше добро“.

Психологијата позади таквиот принцип е базирана на перфидна манипулација во која режимите се претставуваат како морални величини, демек алтруистични и храбри, подготвени веднаш да се борат, спремни „да се жртвуваат“ за нас. Обично злоупотребуваат некаква реална или нереална фаличност во општеството, неретко преувеличувајќи ја со цел да си ја нагласат својата важност и нашата потреба од нив, постојано потсетувајќи нѐ дека сега е моментот, дека нема да имаме друга шанса и дека ако не им ја дадеме нашата доверба – вечно ќе останеме заглавени во прасторија (и „калта“ нели). Поплави, земјотреси, вулкани, цунамија, астероиди и црни дупки ќе нѐ голтнат ако не се они на власт. Во суштина, режимите воспоставуваат еден вид на патолошки родителски однос и динамика во кој граѓаните се претставени како инфантилни, а режимските демагози како зрели, здраворазумни и морални „возрасни“ кои се грижат за нас и кои понекогаш мораат да носат „тешки“ одлуки кои нам ни се сомнителни и можеби не ни се допаѓаат, но на крајот ќе сфатиме дека сепак биле за наше добро (сличен концепт во клиничка смисла е т.н. „жилава љубов“ или „tough love“). Неретко во ваквите наративи се провлекува и темата за опасност и страв од некакви си надворешни непријатели кои го загрозуваат нашето постоење, додека режимот-герој нѐ брани со порака дека сме на вистинската страна од историјата, штитејќи нѐ и спасувајќи нѐ од злото. Целта на ваквата стратегија во својата морална алузија, меѓу другото е и обидот за создавање на зависен однос во кој граѓаните се чувствуваат беспомошни и неспособни да одлучуваат самите за својата судбина, однос во кој треба слепо да веруваат дека спасот од тешките општествени трауми единствено лежи во предавањето и трчањето кон топли прегратки на режимот.

За да ја разбереме магнитудата и злобноста на перфидниот принцип „за ваше добро“, да разгледаме неколку примери од најголемите тоталитарни режими во поблиската историја. На пример, во создавањето на нацистичка Германија и во популаризирањето на нацизмот, Хитлер и неговата пропагадна честопати ја истакнувале потребата од прогонување и истребување на Евреите и останатите „неариевски“ малцинства кои наводно ја уништувале и загадувале Хитлеровата делузија за „чистата крв на Ариевската раса“. Наци-режимот постојано истакнувал дека за да се вратат изгубените достоинство и величина на Германскиот народ, сите Германци мора да се обединат околу него како лидер и спасител, идеја најдобро сумирана во слоганот „Ein Volk, ein Reich, ein Führer!“ или во превод „Еден народ, една империја, еден водач!“. Понатаму, нема појасен пример за злиот принцип „за ваше добро“ од морничавиот и циничен слоган испишан над портите од повеќето концентрациони кампови вклучително и Аушвиц, добро познатата морбидна реченица „Arbeit macht frei“ или „Работата ќе ве ослободи“. На истиот принцип, но во поинаква форма, оперираат и комунистичките тоталитарни режими. Во самата суштина на комунизмот дефиниран од ликови ко Маркс, Енгелс, Ленин, Сталин и Мао, лежи идејата дека општествата се класни системи каде постои мнозинска работничка класа која е екплоатирана и угнетувана од некаква малцинска капиталистичка класа („Буржуите“). Со цел да се ослободи народот од таквото ропство, „за свое добро“ нели, мора да се обедини, да крене револуција против капиталистите и преку таквата класна борба да создаде утопија во која не постои приватна сопственост, не постојат класи и секој си добива онолку колку што му е потребно од другите кои придонесуваат колку што можат (“Каждому по потребностям, от каждого по способностям” – популарен слоган во бившиот Советски сојуз). Заради исполнувањето на таквите цели и „ослободувањето“ на народот, за комунистичките идеолози сосема прифатливо и пожелно било поединците да се жртвуваат за „доброто“ на колективот. На истиот принцип својата пропаганда ја базирал и кинескиот комунистички диктатор Мао Зедонг во обид да ги убеди широките народни маси да го поддржат него како лидер бидејќи тој работи за „нивно добро“. Буквало насловот на неговиот говор од 1944 година „为人民服务“ или во превод „Во служба на народот“ подоцна се претвора во важен политички слоган на Кинеската комунистичка партија.

Горенаведеното би немало некаква посебна тежина кога и ние, сега, баш во овој момент, не би живееле во слични политички пропаганди и наративи, и во време на оспорување на македонското постоење и тоа пази – „за наше добро!“. Веќе неколку години по ред во „Cеверна“ имаме „чест“ за нас да се „грижат“ најевропски ориентираните клептомани, најспособните Харвардски дипломци од Подгорица и богати високообучени експерти со улични школи од Горњи Милановац, најтранспарентните кријачи на француски предлози и договори за автопати, разно-разните демагози кои цело време работат „за наше добро“. И покрај тоа што досега направија незамислива и немерлива материјална, политичка, идентитетска и душевна штета на македонскиот народ, сепак упорно продолжуваат да го следат принципот, во духот на режимството нели, дека сето тоа е за некаков си влез во некаква си европска унија, дека е за подобро утре, дека е за да „идеме напред“ (што и да значи тоа), дека е за поголема безбедност и заштита од чичко Нато. Нѐ убедуваат дека деформите како на пример, менувањето на националното знаме, правењето територијална прераспределба по етношовинистички терк, менувањето на името и сите македонски идентитетски обележја – се токму „за наше добро“, додека во реалноста вршат дискриминацијата на Македонците, ги обесправуваат и кратат нашите универзално гарантирани слободи и права, терајќи нѐ сите заедно во некакво си апартхејдско трло. Епа конечно време е на нивното понудено „добро“ од кое никаков аир не видовме, одлучно да им одговориме – доста е веќе, фала, не треба!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.