Никола Србов

Знаевме дека имаат конструирано случаи за сите луѓе кои се дел од ВМРО ДПМНЕ и луѓе кои јавно ја критикуваат Владата и се препознатливи за јавноста, но повторно не демантираа, тие имале конструирано случаи за секој еден кој ним им пречи, без разлика дали критикува јавно и дали јавноста го препознава.

Овие случаи се класични конструкции како оние од најтемното доба на партиско – полициски местенки во поранешната држава. Дури и да се согласиме со изјавите дека овие луѓе се виновни, што сеако е дискутабилно, и да се согласиме дека мерките за обезбедување се оправдани, што е ептен дискутабилно, повторно останува впечатокот на партиско – полициски прогон заради тајмингот на нивно активирање. Власта ги впрегнува сите свои сили и апси луѓе во моменти кога нејзе и е потребен дефокус или материјал за црна кампања против опозицијата. Тоа во нормални демократски држави, во кои ние не спаѓаме, го нема веќе со децении, а некаде се во прашање и векови.

На тајмингот се надоврзуваат и одлуките на Судот за одредување на мерка притвор на сите кои се опфатени со овие монтирани случаи. Притворот, покрај тортурата врз обвинетите, е и алатка за испраќање на порака, затоа, игнорирајќи ја неговата оправданост, истиот речиси секогаш се одредува. Во последниот случај власта испраќа порака до повеќе таргет групи. Повторно се изживува врз Миле Јанакиевски, па сега тоа го засилиле и со луѓе од сегашното раководство на ВМРО ДПМНЕ како Димитар Димевски сакајќи да зададе удари од сите страни. Но, во пресрет на партиските чистки во администрацијата, Владата одлучи да испрати недвосмислена порака во духот на „живи луѓе ќе јадеме… од хигиеничарка до директор“ со апсењето и одредувањето на мерка притвор на службенички вработени во јавната администрација. Со тоа јасно ни кажува дека сите се на удар.

Но сите луѓе кои се дел од ВМРО ДПМНЕ знаат дека ова е препознатлив начин на владеење на СДСМ, и истите знаат дека нам ни е судбина да се бориме кога веќе сме се нафатиле да работиме за Македонија. Така било од секогаш, така ќе биде и понатаму.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.