Петар Поп-Арсов

Го доживеавме и тоа! Во очи на изборите, Владата дели пари спротивно на Изборниот закон, а истовремено моли за донации. Се изрекуваат пресуди за случајот рекет, а се доделуваат пари на невладини организации непосредно поврзани со протагонистите во споменатиот случај!

Што се случува со нас? Што е ова? Скриена камера, театар на апсурдот?!

Можно ли е сето ова да е вистина?

Непосредно пред истекот на вонредната состојба, Владата донесе одлука за доделување на буџетски сретства во износ од околу половина милион евра на четириесет невладини организации. Се работи за експресна постапка реализирана во рекордно краток временски период. Почнувајќи од владината Одлука за критериумите и постапката за распределба на средства за финансирање на програмските активности на здруженија и фондации од Буџетот на Република Македонија за мерки за справување со COVID-19 кризата, од 05.06.2020 г., преку Огласот, од 06.06.2020 г., и Решението за именување претседател и членови на Комисијата за распределба на финансиските средства, од 10.06.2020 г., па се до Предлог-одлуката за распределба на финансиски средства наменети за финансиска поддршка на здруженија и фондации за мерки за справување со КОВИД-19 кризата, од 13.06.2020 г., целокупната постапка е завршена за неверојатни осум дена. Рекордни осум дена! „Најефикасните“ осум дена од мандатот на оваа владејачка гарнитура! И сето ова под превезот на борбата против ширењето на епидемијата и справувањето со COVID-19 кризата. „Браво“ за ефикасноста во раскрчмувањето на парите на македонските граѓани!

Во екот на најголемиот пораст на новорегистрирани и новопочинати случаи, сме имале експресна постапка за доделување на буџетски пари. Додека граѓаните беа шокирани од секојдневниот пораст на починати и заразени, како и од притисоците, уцените и ултимативните барања за брзи избори, Владата била „вредна“ и по кратка постапка поделила петстотини илјади евра. При тоа, од 540 невладини организации кои што учествувале на огласот, биле одбрани четириесет. Како да било доволно да се каже „Сезаме отвори се!“, за токму одбраните 40 да влезат во македонскиот трезор!

Воопшто не зачудува бурата од реакции во јавноста за начинот и целта на спроведувањето на ваквата постапка. Има такви реакции и анализи кои исклучително прецизно го опишуваат бесмислениот начин на водењето на постапката. Анализи кои детално ја пресметуваат временската рамка во која е водена евалуацијата на пристигнатите апликации, како и персоналниот состав на Комисијата, доведувајќи не до заклучок дека сме заробени во една од претставите на нивниот театар на апсурдот. Не зачудуваат ниту реакциите на останатите петстотини невладини организации кои беа одбиени во трката по петстотините илијади евра.

Овде се поставуваат неколку клучни прашања на кои јавноста мора да добие одговор!

Зошто не гледаме никаква активност на теренот токму од оние невладини организации кои добија пари од Владата. Се наоѓаме во многу силен бран на COVID-19 кризата и нивната реакција и активност требаше да биде онолку промптна колку што истата беше при конкурирањето за буџетските пари. Несватлив е контрастот помеѓу подготвеноста за брза реакција при барањето пари и целосното отсуство на акција во реализацијата на активностите за намената за која парите биле добиени. Ако можеа толку брзо да реагираат на владиниот оглас и да ги соберат парите, зошто неможат овој пат со истата брзина да ги реализираат сопствените активности, со цел заштита и спречување на ширењето на епидемијата. Токму сега и веднаш е потребата од таквата акција!

До сега не слушнавме некаква критика или совет од одбраните 40 невладини во однос на политиките на Владата, ниту пак можеме да зборуваме за некаква нивна видлива активност поврзана со COVID-19 кризата. Нивната визибилност во овој период во јавноста е минорна, речиси сведена на нула. Придонесот за едукација на сите категории на граѓани, како на оние кои што живеат во помали, така и на оние кои што живеат во поголеми семејства, не постои! Каде се активностите и кампањите на НВО секторот за едукација на населението за заштита на личното и јавното здравје? Каде е едукацијата за потребата од давањето точни лични податоци, адреса на живеење, остварените контакти, за да не би морал Министерот за здравство немоќно да констатира дека нема контрола над ситуацијата и да посега по јавно објавување на имињата на неодговорните и неедуцираните?

Помошта и поддршката од НВО секторот е од исклучително значење токму во овие моменти. Невладините претставуваат сврзно ткиво меѓу власта и граѓаните, особено тогаш кога не постои доверба кон власта, нејзините институциите и системот на функционирање. А како да постои доверба кога уште од почетокот од кризата секој обид на граѓаните кои пројавуваа симптоми, беше заглавен во лавиринтите на владиниот алгоритам, оневозможувајќи ги да дојдат до можноста да бидат тестирани. За нивните контакти и асимптоматските случаи, не мора ни да зборуваме. Бевме земја која имаше најголема стапка на смртни случаи во домашни услови. Луѓе умираа на пат до здравствените институции или пак беа постмортен утврдувани. Денес власта ги обвинува граѓаните дека доцна се пријавуваат и доаѓаат во болниците во терминална фаза од болеста. Тешко е да се најде крај на ваквите контрадикторности!

Никој нема да сака да го доведе сопствениот живот во опасност, криејќи ја болеста и лекувајќи се на сопствена рака во домашни услови, доколку навистина постои доверба во здравствениот систем и здравствените власти во државата. Но, довербата ја нема! Токму во таа сива зона на отсуство на доверба и комуникација меѓу граѓаните и Владата, требаше да делуваат невладините организации. Требаше да го неутрализираат стравот кај недоволно едуцираните категории граѓани, предизвикан од лажните вести, дека одењето во болница е неизбежно поставување на респираторна машина со фатален исход. Таква активност од ниту една НВО ниту слушнавме ниту видовме. Единствено нешто што гледавме беа спонтаните активности и самоорганизирање на поединци и групи на граѓани, кои самите се организираа во „инстант формално нерегистрирани невладини организации“ и самоиницијативно подготвуваа заштитна опрема за медицинскиот персонал. Тие не бараа пари од Буџетот туку реагираа тогаш кога здравствените работници беа оставени без никаква заштитна опрема. Тогаш ги немаше четириесетте одбрани!

Зошто Владата дури сега ги доделува овие средства наменети за справување со COVID-19 кризата? Зошто токму сега, пред почетокот на кампањата за изборите закажани за 15-ти јули?

Веројатно тука е одговорот на сите прашања!

Невладиниот сектор во Македонија е заробен, киднапиран, целосно политизиран и узурпиран! Заробена е неговата независност и неговиот граѓански карактер. Компромитирана е неговата непрофитна ориентација. Уништена е довербата кон овој секторот која според сите релевантни истражувања постои насекаде во развиениот свет. Политиката на „отворено општество“ или пак политиката „едно општество за сите“ е целосно самопоништена со отворање на „Сезамот“ само за одбраните четириесет. Можеби во тие четириесет има и такви НВО кои заслужуваат да ги добијат потребите сретства, но моментот и начинот на кој дошле до нив се крајно дискутабилни и проблематични. Се работи за норми и принципи, а не за перформанси и квалитет зачинети со политичка подобност.

Звучните владини имиња, членови на Комисијата, надополнета со тотално заборавени ликови од НВО секторот, кои што до пред само три години разгоропадено врескаа и „се бореа“ за граѓанските и човековите права, се македонскиот „Али Баба“ кои што го направи изборот на своите 40 следбеници. И тоа токму сега, пред изборите, за да ја средат ситуацијата со COVID-19 кризата. Зар ќе поверува некој во ова?!

Дали сме сведоци на предизборен поткуп? Дали ќе бидеме сведоци на активности со политички контекст на „Али Баба и четириесетте следбеници“, нарушувајќи ја кредибилноста на изборниот процес? Како ќе реагира Антикорупциска на сето ова? Кој ќе ги следи активностите на четириесетте невладини и нивните половина милион евра?

Невладиниот сектор е составен дел од секое демократско општество. Неопходноста од слободното функционирање на невладините организации е уште поголема за општества како што е нашето. Коалицијата меѓу македонскиот хибриден режим и неговите 40 следбеници ќе не закова уште поцврсто на европското дно, на кое се наоѓаме според сите релевантни параметри. Политизираниот невладин сектор е класична узурпација на овој општествен простор. Сите зборуваме за реформи во здравството, образованието, судството, итн., но без реформи и во невладиниот сектор, Македонија ќе остане само привид на демократско општество.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.