Петар Поп-Арсов

Помина уште една година, интересна година, или што би рекле историска година. Историска, да, но не помалку и не повеќе историска од претходните. Во Македонија сите години се историски. Така е од памтивек. Такви сме, таква ни е земјата, таков е Балканот. Историјата е најпознатиот регионален бренд. Го има за извоз, особено за размена на регионалниот балкански пазар. Подалеку некако нема вредност, му паѓа цената.

А што беше на цена во светот во 2019-та година и што е тоа што ќе биде од интерес во тукушто пристигнатата 2020-та? Што се случуваше во минатата и што ќе се случува оваа година на глобален план, а ќе има импакт врз нас како земја и регион во целина? Нешто знаеме, за нешто сме информирани од вестите, но впечаток е дека постојат бројни празнини во нашите познавања во врска со светот кој што не опкружува.

Македонија има бројни медиуми. Во принцип се занимаваат скоро исклучиво со внатрешно политичките теми. Глобалните политички токови се сведени на минимум, освен доколку имаат непосреден импакт врз внатрешните состојби во државата. Информации од регионот добиваме само ако некој се степа таму или настане некаков инцидент. Недостасуваат надворешно-политички емисии, анализи и дебати наменети за влијанијата на надворешната политика врз состојбите во Македонија. Тотално отсуство на квалитетно обработени информации од новинари и експерти кои што професионално се занимаваат со оваа област. Како да сме сами на планетава, едни и единствени, заробени во етерот.

Додека минатата година светот продолжуваше да се соочува со глобалното затоплување, ние во Македонија продолживме мака да мачиме со локалното загадување. Секој со своите проблеми. Дури и загадувањето на воздухот како да го следи македонскиот медиумски простор и е само навнатре ориентирано. Нема циркулација, нема свежина, нема провев ниту во воздухот ниту во етерот. Штура беше веста за американското повлекување од Парискиот договор за климата, исто колку што беше незабележителен потегот на претседателот Трамп, кој во манир на искусен бизнисмен, ја најави можноста за повторното американско пристапување кон договорот доколку бидат овозможени поповолни услови за неговата земја. Вести за темава има, што е право право е, но нема дебати, нема анализи. Нас тоа не не тангира. Нема затоплување кај нас. Ние сме си зимурливи.

Годината 2019-та беше година во која за прв пат пошироката јавност слушна за 5G технологијата за мобилното интернет поврзување. Годината 2020-та ќе биде година во која оваа технологија ќе стане реалност. Ќе ни објасни ли некој независен експерт што всушност значи 5G технологијата? Зошто првично беше негативно примена од официјален Брисел? Навистина ли се работи за технологија која може да има штетни последици по човековото здравје или реакцијата на Брисел претставува само отпор кон евидентната доминација на кинескиот телекомуникациски гигант Huawei во оваа област?! Ќе имаме ли можност да слушнеме опсежна стручна анализа за тоа што ќе се случи кога во текот на, веќе тековната, 2020-та ќе ни ги стават во комшилук, на болниците, покрај градинките и училиштата, антените што ќе зрачат значително повеќе од досегашните. Тука ќе застанам, не сум експерт. Затоа имаме медиуми кои што можат да организираат гостување на независни експерти и ќе ги објаснат прашањата кои се наметнуваат и ќе станат наша реалност во 2020-та.

Минатата година Советот на Европа започна сериозно да се занимава со прашањата поврзани со развојот на вештачката интелигенција и подготовките за создавање на правна регулатива во оваа област. Вештачката интелигенција ќе има влијание врз нас и нашите општества. Не е новина тоа што алгоритмите можат да ги идентификуваат најдобрите решенија, почнувајќи од изборот на најсоодветните кандидати за работно место, па се до утврдување на медицинска дијагноза. Она што е ново денес е тоа што компјутерите сè повеќе се способни самостојно да извршуваат исклучително сложени задачи, при што понекогаш дури и нивните дизајнери неможат да разберат што е тоа што се случува во самиот компјутер. Нити некој во Македонија се обидува да се заинтересира за ова прашање, ниту пак некој има намера да и помогне на македонската дипломатска екипа во Стразбур активно да се вклучи и придонесе во отпочнатиот процес на креирање на правна регулатива во однос на прашањето на вештачката интелигенција.

Заради илустрација, прашањето поврзано со вештачката интелигенција не го туркаат ниту дипломатите од САД, ниту од Кореа, Кина или Јапонија, технолошки најразвиените земји во оваа област. Тие не се членки на Советот на Европа. Работата ја води амбасадорот на Молдавија, земја која дури не е ни кандидат за членство во ЕУ. Нас, македонците, ние кои што до скоро бевме земја со најдобра интернет покриеност веднаш зад Естонија, нас ова „не не интересира“. Нема кој да не насочи и да ни го сврти вниманието. Најголемото технолошко достигнување од поновата „тригодишна ера“ е скенирањето на фискални сметки и со тоа се занимаваат медиумите.

Ова можеби звучи како научна фантастика или нешто од далечната иднина. Иднина за која не сме ни свесни дека веќе е сегашност и ќе продолжи да ни се случува во новава 2020-та. Имаме ли компетентни новинари кои што можат да се зафатат со овие прашања и да иницираат дебати и анализи со цел да ја разбијат монотонијата на секојдневното бомбардирање со дневно-политички теми.

Ќе слушнеме ли некаква анализа за надворешната политика, како од регионот така и пошироко? Ќе дознаеме ли нешто за генезата на црковниот проблемот во Црна Гора и неговата насилна ескалација во Парламентот? Зарем состојбата со црковното прашање кај нас е целосно средена и ние можеме без посебни деаранжирања да си се занимаваме со други теми? Ќе има ли анализи и дебати за претстојните избори во САД и пресметката на суверенистите и глобалистите од кои во голема мера ќе зависи состојбата во светот, или можеби ова тема повторно ќе биде приоритет само за велешките тинејџери?! Што станува со БРЕГЗИТ и неодамнешната огромна победа на Борис Џонсон?! Ќе го истретира ли некој ова прашање во контекст на неговото влијание врз ЕУ и нашите аспирации за членство во ЕУ? Да не останеме повторно затечени од некоја следна блокада затоа што ЕУ е извадена од рамнотежа заради напуштањето на една значајна членка, но ние не сме ги предвиделе последиците од таквото напуштање.

Потребна е дебата за надворешно политички теми. Потребно е да им дадеме шанса на „професионалните дипломати“, споменувани од министерот за надворешни, да кажат нешто пред општеството. Да видиме кои се, какви кадри се оние што не претставуват! Имаат ли некакви трудови, публикации? Оставиле ли нешто зад себе од што ќе можат да учат следните генереции „професионалци“, па и останатите, „аматерите“? Со што и се оддолжиле на Македонија за честа што им била укажана? Да видиме дали се реални или само имагинарни професионални ликови! Да слушнеме што мислат за клучните теми од надворешната политика и да научиме нешто од нив и нивното богато професионално искуство! Лојални ли се на државата или се само обични партиски кадри на актуелнава власт преоблечени во костум на професионален дипломат?

Ако најистакнатите професионални кадри од здравството, образованието, културата, правото, економијата, техничките и општествените науки се достапни за македонската јавност и истите имаме прилика повремено да ги слушнеме и видиме во етерот, зошто да неможеме да слушнеме збор-два од оние кои што не претставуваат сите нас. Тие ја претставуваат државата во целина, ги претставуваат сите институции, сите граѓани и сите политички партии, од најмалата опозициона па до најголемата владејачка. Не го претставуваат само министерот, премиерот или претседателот! Редно е да ги запознаеме и да се легитимираат пред македонската јавност!

На општеството му е потребна сериозна и активна медиумска дебата на сите релевантни теми. Не е доволна само реактивна дебата за проблематични прашања како последица на нашата инертност и незаинтересираност. Дојдено е време да го организираме општеството и да ги користиме сите расположиви кадровски ресурси во функција на државниот интерес. Не случајно не оценуваат како земја во која само десет проценти од државната администрација е заинтересирана и компетентна да ги извршува потребните работни задачи.

Некој треба да го разигра општеството, да го разигра тимот, да го разбранува и проветри етерот!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.