Изминатата недела беше исклучително важна за економскиот развој на земјава. Започнуваме со голем инвестициски циклус, со историски проект, кој не би згрешиле ако го посочиме како еден од најважните и најголемите инфраструктурни проекти во нашата земја – изградбата на 4 делници нов модерен автопат од шест ленти, на коридорите 8 и 10-д, односно патните правци Тетово–Гостивар, Гостивар–Букојчани, Требениште–Струга–Ќафасан и Прилеп–Битола. Оваа инвестиција е од исклучително економско и геополитичко значење, како за нас, така и за регионот, бидејќи е раскрсница на два европски коридори. Станува збор за 110 километри нова, модерна, квалитетна и безбедна патна мрежа, или од 22 до 25 километри нов автопат годишно во следните пет години. Со тоа нашата земја добива економска компаративна предност која претставува одлична основа за подобрување на конкурентноста на нашата економија и раст на БДП.

Ова е крупна инвестиција, во вкупна вредност од 1,3 милијарди евра што заедно со поврзаните инвестиции достигнува ниво од 10% од нашиот БДП и за истата во буџетот за 2023 година веќе се обезбедени дел од средствата, а проектирани се средства и за наредните години. Буџетот за 2023 година се заснова врз златното правило во јавните финансии – капиталните расходи да се повисоки од буџетскиот дефицит, односно да се позајмува само за финансирање на инвестициските проекти. Капиталните инвестиции годинава се проектирани на ниво од 800 милиони евра или за 100 милиони евра повеќе од буџетскиот дефицит. Тие изнесуваат 5,3% од проектираниот БДП и во следните пет години се предвидени на ниво од 5,1% од БДП за разлика од последните две децении каде во просек се движат околу 3% од БДП. Со проектирање на повеќе средства се стимулира и повисока реализација на јавни инвестиции, а со тоа се и поттикнува економскиот раст. Повисокиот раст на БДП пак, обезбедува поголема фискална одржливост.

Нашата определба како Влада е да обезбедиме долгорочна фискална одржливост, бидејќи само стабилни јавни финансии можат да обезбедат долгорочен раст и развој во насока на подобрување на стандардот на граѓаните. Оттаму, постепено го намалуваме јазот помеѓу приходите и расходите во буџетот, односно буџетскиот дефицит, за да се намалат новите потреби за финансирање, т.е. задолжување. Истовремено, внимаваме да не наштетиме на развојната компонента, бидејќи успорувањето на растот еднакво негативно влијае на фискалната одржливост. Напоредно дејствуваме и на намалување на сосотојбата на долгот (вкупната сума на акумулиран долг низ годините), преку рефинансирање по поевтин трошок, вклучувајќи и нови видови на инструменти и креирајќи оптимално портфолио според трошоци и рочност.

Еврообврзницата од 2023 ќе се искористи за рефинансирање на издадената во 2016

Во оваа насока е и рефинансирањето на еврообврзницата од 2016 година, која преку оптимална комбинација на два инструмента – новоиздадената еврообврзница и инструментот за макрофинансиска поддршка кој ни го додели Европската комисија, го враќа стариот долг по пониски трошоци. Имено, иако позајмената сума на еврообврзницата од 2016 година е пониска, вклучително и каматната стапка за околу еден процентен поен, поради подолгата рочност трошокот за истата е повисок.

Накусо, би се осврнал на аукцијата на деветтата еврообврзница. Интересот на над 100 инвеститори беше дури четири пати повисок во однос на понудената сума. Ова е одличен показател за довербата на инвеститорите во нашата економија и политиките кои се водат во земјава. За сумата од 600 милиони евра, која беше планирана да се повлече, во конкретниов случај преку комбинација на еврообврзницата од 500 милиони евра, со инструментот за макрофинансиска поддршка од 100 милиони евра, добиени се еднакви услови како на претходната аукција на деветтата еврообврзница, која беше на поголема сума – 600 милиони евра, односно годишниот каматен трошок останува на исто ниво од околу 37,5 милиони евра.

Кај последните две еврообврзници реалната камата е негативна

Тука повторно доаѓаме до златното правило во финансиите, а тоа е дека каматата, односно трошокот кој го плаќаме за позајмениот капитал, треба да биде помал од бенефитот што ќе го продуцира. Економскиот бенефит е растот на бруто-домашниот производ, корегиран за годишната инфлација (бидејќи инфлацијата ја намалува вредноста на капиталот).

Економистите можат лесно да ја пресметаат реалната каматна стапка на еврообврзниците, односно доколку од купонската камата се одземе инфлацијата. Така ако анализираме за сите девет еврообврзници во годините на издавање, реалната камата на еврообврзницата издадена во 2005 година е 4,1%, во 2009 е 10,76%, во 2014 е 4,29%, во 2015 е 5,19%, во 2016 е 5,84%, во 2018 е 1,23%, во 2020 е 2,45%, во 2021 е веќе негативна, односно -1,53%, а согласно проекциите за 2023 година, и последната, деветта еврообврзница, издадена во март 2023 година има реална негативна каматна стапка од -0,14%. Ова значи дека за последните две еврообврзници трошокот е помал од добиениот резултат, од реалниот економскот раст, односно истите имаат економска оправданост. Ако се споредат со стапката на реален раст на БДП, еврообврзниците издадени во 2021 и 2023 година имаат пониска реална камaтна стапка за 5,4 и 3,1 процентeн поен. Исто така, анализирано кумулативно за целиот период на доспевање на овие еврообврзници соодносот е во полза на економскиот раст според макроекономските проекции. Тоа значи дека повисокиот реален економски раст во однос на реалната каматна стапка на задолжување овозможува одржлив развој и намалување на јавниот долг.

Финансиска конструкција за покривање на дефицитот и долгот кој доспева во 2023 година

Потребите за финансирање за годинава се однесуваат на покривање на буџетскиот дефицит од 42,7 милијарди денари (694 милиони евра, за кој проценката е дека ќе се намали поради поголеми приливи од данокот на солидарност), како и отплата на долгот кој доспева од 52,1 милијарда денари (847 милиони евра), од кои надворешен долг 36,5 милијарди денари (593 милиони евра) и домашен 15,6 милијарди денари (254 милиони евра).

Покрај издадената еврообврзница во комбинација со инструментот за макрофинансиска поддршка во вкупен износ од 600 милиони евра, од странство ќе се обезбедат и средства преку повлекување на нова транша од кредитната линија за претпазливост и ликвидност од ММФ и преку повлекување средства од поволни кредити од странски финансиски институции и кредитни линии за финансирање на одделни проекти и буџетски дефицит. Дополнително, тука е и грантот од ЕУ од 80 милиони евра, кој ќе се искористи за финансирање антикризни мерки за граѓаните и фирмите и инвестиции во обновливи извори на енергија.

Домашното задолжување ќе се реализира преку издавање државни хартии од вредност и домашен заем. Задолжувањето на домашниот пазар ќе овозможи оптимизација на портфолиото на јавен долг од аспект на каматните стапки и зголемување на рочноста, а планираниот сооднос со странското задолжување нема да го истисне (crowding out effect) приватниот сектор во пристапот на капитал на домашниот пазар. Годинава е пренесен и депозит од 160 милиони евра од минатата година, согласно претпазливите политики за управување со јавниот долг и оставање простор (бафер) што овозможува поголема флексибилност во однос на движењата на пазарите на капитал.

Над милијарда евра за капитални расходи и антикризни мерки годинава

Во однос на расходите во Буџетот за 2023 година, ќе наведам дека покрај 800 милиони евра за капитални расходи, проектирани се и 225 милиони евра за антикризни мерки, односно само овие две намени го надминуваат буџетскиот дефицит за 330 милиони евра. За да се забрза економскиот раст, за да конечно заздравиме од сите последователни кризи кои ни се случија во изминатиот период, мораме да продолжиме со амбициозна инвестициска агенда.

Во изминатите години се подобрува реализацијата на капиталните расходи. Минатата година имавме близу 90% реализација на проекцијата, благодарение на воспоставените механизми за поттикнување на инвестициите како КАПЕФ. Сепак, со издвојување на повисоки суми во буџетот за капитални инвестиции се прави, исто така, притисок кон реализација на повисоки номинални суми на крајот на годината. Ова значи вбризгување средства во економијата, отворање нови работни места и забрзување на економскиот раст.

Годинава капиталните расходи се проектирани за дури 70% повисоко во однос на извршувањето во 2022 година. Како што спомнав и погоре, се планира една инвестициска експанзија, особено во патната, но и железничката инфраструктура, енергетската и комуналната инфраструктура, како и капитални инвестиции за подобрување на условите во здравствениот, образовниот и социјалниот систем, земјоделството, културата, спортот, заштитата на животната средина и правосудството.

Покрај четирите нови автопати на Коридор 8 и Коридор 10д, издвоени се средства и за физибилити студија за изградба на патот Тетово-Призрен. Ќе продолжи и изградбата на источниот дел од патниот Коридор 8 преку делницата Ранковце-Крива Паланка, делницата Крива Паланка до границата со Бугарија, како и на западниот дел од патниот Коридор 8. Со заем од ЕБОР ќе се финансира изградбата на автопатската делница Скопје-Блаце.

Во 2023 година е планирано да заврши и реконструкцијата на железничката пруга на Коридор 10, а исто така предвидени се средства за продолжување на реализацијата на првата и втората фаза од проектот за изградба и рехабилитација на источниот дел од железничката пруга – Коридор 8 – делницата Куманово-Бељаковце-Крива Паланка. Среднорочно е потврдено финансирањето на железничката пруга Кичево-Лин (Албанија) од страна на ЕБОР и ЕИБ.

Има голем број капитални проекти поврзани со животната средина. Исто така, продолжува Проектот за поддршка на подобрување на општинските услуги, со кој се финансираат капитални проекти во општините. Ќе продолжи и Проектот за енергетска ефикасност во јавниот сектор со кој ќе се финансираат енергетски ефикасни проекти во општините. Проекти за управување со цврст отпад на ниво на цела држава обезбедени се поволни заеми за финансирање. Исто така, ќе продолжи градбата на гасоводната мрежа и интерконекторот со Грција.

За здравствениот сектор планирани се инвестиции наменети за изградба и реконструкција на јавни здравствени установи и набавка на медицинска опрема.

За образованието, детската заштита и спортот проектирани се капитални инвестиции, кои се наменети за изградба и реконструкција на основни и средни училишта, детски градинки, изградба на училишни и спортски сали, реконструкција на ученички и студентски домови, опремување и реконструкција на универзитетите и инвестиции во спортска инфраструктура. Ќе се продолжи со реализацијата на Проектот за реконструкција на студентските домови, а ќе се продолжи и со реализацијата на Проектот за изградба на фискултурни сали во основните училишта и рехабилитација на основните и средните училишта.

Со цел подобрување на пристапот до социјалните права и услуги, како и проширување на капацитетите за предучилишно згрижување и воспитување преку изградба на нови објекти и пренамена на постоечки за предучилишни институции, во 2023 година продолжува реализацијата на Проектот за унапредување на социјалните услуги.

Предвидени се и значителни капитални инвестиции кои се наменети за рурален развој, изградба на хидросистеми и инвестиции за подобрување на конкурентноста и модернизација на земјоделските стопанства.

Мобилизација на приватен капитал во функција на растот

Сето ова ќе придонесе кон креирање на нова вредност, придвижување на економскиот раст, повисок раст на БДП, а соодветно на тоа и фискална одржливост, бидејќи се зголемува капацитетот на економијата да ги сервисира своите обврски. Истовремено, работиме на фискалната консолидација, преку континуирано намалување на буџетскиот дефицит, за на среден рок да ги постигнеме таргетите утврдени со Мастришките правила.

И во оваа прилика би го истакнал Планот за заздравување и забрзување на економскиот раст, кој преку мобилизација на приватниот капитал, преку јавни приватни партнерства и нови финансиски инструменти, ќе ги забрза неколкукратно и јавните и приватните инвестиции. Од Европската Инвестициска Банка обезбедени се 100 милиони евра со поволни услови за мали и средни претпријатија за зелена транзиција и ликвидност, кои ќе повлечат дополнителни 100 до 200 милиони евра од комерцијалните банки во земјата. Нашата долгорочна цел е да обезбедиме подобри услови за живот и подобар стандард за нашите граѓани и поголема конкурентност на нашата економија, а тоа е возможно само преку реализацијата на една силна стратегија за забрзан раст. За истата цел ќе се обезбедат дополнителни 50 милиони евра и од Банката за развој при Совет на Европа.

Нови инструменти на финансирање на развојот: зелени обврзници, граѓански развојни обврзници и развојни обврзници за дијаспората

Во рамките на Буџетот за 2023 година, најавивме и можност за воведување нови инструменти за финансирање на буџетот во функција на развојот, како што се зелените обврзници, развојни и проектни обврзници, граѓански развојни обврзници и развојни обврзници наменети за дијаспората. Со овие обврзници ќе се обезбедат средства за равојни проекти, особено проекти за зелен развој кои влечат и поповолни услови за финансирање, како и можност за дополнителни грантови од Европска Комисија и други развојни меѓународни институции. Со цел развој на пазарот на капитал во нашата земја и финансиска еманципација на пошироката јавност во земјата ќе се издаваат т.н. граѓански развојни обврзници како и развојни обврзници на дијаспората со која ќе се мобилизираат финансиски средства за развојни проекти и буџетска поддршка.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.



Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.