Почитуваниот професор Денко Малески со својата последна колумна за „Плусинфо“ уште еднаш ја разбранува домашната јавност. Но, за тоа не мора да води многу грижа. Важно, наиде на одличен прием кај бугарската. Целосно ја пренесе агенцијата БГНЕС со наслов „Македонија нема средновековно наследство, геополитиката ја создаде македонската нација“.

Некои велат дека насловот е изваден од контекст. Можеби е и навистина така. Меѓутоа, тоа апсолутно не го амнестира проф. Малески од пораката, што ја испрати и што официјална Софија со душа сака да ја слушне.

Ова од една страна. А, од друга целосно ги минира позициите на македонските историчари, особено на оние, кои членуваат во заедничката македонско-бугарска комисија. Којзнае, можеби и тоа била главната цел!? Зашто, претстои објавување на протоколите за постигнатата согласност за заедничко чествување на значајни личности од минатото, кои припаѓаат токму на средновековието.

Вака како што е изваден насловот во БГНЕС треба на проф. Малески да му го признаеме само основното образование, и тоа како знак на добра волја, ама средното и високото ќе мора да си ги повтори. И тоа не под патронат на бугарскиот професор по средновековна историја Христо Матанов, кој, нели, му се заблагодаруваше на Бога, што меѓу живите повеќе не е нашиот, македонски историчар Бранко Панов.

Не! Туку, тука, во Скопје, и тоа на универзитетот на кој со децении и тој самиот беше професор. Не за друго, туку за да ги прочита делата, на пример, на академиците Георги Поп Атанасов и Харалампие Поленаковиќ, на професорите Антољак, Коста Аџиевски, Александар Атанасовски, Тони Филиповски, Илија Велев… И не се само они.

Ги има уште многу други, кои не ги споменувам. Сите тие пишувале за Македонија и за средновековието. Нека седне проф. Малески и нека ги прочита. Се разбира, ако не смета дека целата таа наука е „националистичка“ и е наменета исклучиво за „македонските националисти“.

И сите тие имиња и презимиња, сите до еден напишале по 10 до 50 дела посветени на средновековието, на Македонија, биле канети и биле визитинг професори на странски универзитети на сите континенти во светот, учествувале на безброј симпозиуми, држеле предавања, дебатирале, разменувале мислења… И стигна проф. Малески со една колумна да ги деградира и да им го девалвира нивниот животен труд. Ашколсон, професоре.

Ај вака, да не се жали проф. Малески повторно на новинарите, па згора на тоа и негови поранешни студенти, да поставиме неколку прашања на кои самиот треба да си даде одговор.

На пример, дали Свети Климент и Свети Наум се дел од македонското средновековно културно и духовно наследство? Дали Охридската духовна и книжевна школа, која е различна од Преславската, е македонска или не? Дали црквите и манастирите во Република Македонија се македонски или не? Кој народ го смета Св. Климент за светителски заштитник пред Бога, кој е и како се вика патронот на помесната МПЦ-ОА?

Сите споменати елементи во поставените прашања се изворот на македонското средновековно духовно и културно наследство. Е, по се изгледа, проф. Малески не пиел и не се напоил вода од тој извор. Навистина не знам дали му е помил Преславскиот извор. Или смета дека како се менувале освојувачите на македонскиот простор, така треба да ги менуваме и историските процеси? Од Римското царство, па до Османлиската империја.

Затоа нему му е многу полесно да го спомене првиот претседател Киро Глигоров и преку неговата уста да ни каже како било по ослободувањето, како новата комунистичка власт се пресметувала со „петоколонашите“ и „предавниците“, со непријателите на народот. Ама како (само)прогласен „петоколонаш“ со него „не се пресметува“ актуелната власт, туку неговите неистомисленици наведени како историчари и новинари, кои треба да се препознаат во ликот на поствоениот полицаец, кој со јаже околу вратот го водат него, проф. Малески, како „петоколонаш“.

И, види чудо, проф. Малески вели дека во едно либерално демократско општество, во јавна дебата не може да има етикетирање на предавници, петоколонаши или квислинзи. Не, никако! Во право е. Ама ако не мислиш како него, веднаш си националист. Ни повеќе, ни помалку, туку македонски и балкански! Типично комунистички или повеќе либерално?!

Аман веќе од овие Бугари! Оние, мерачите на вистината ги ставам на страна. Човек мора да внимава што ќе напише за проф. Малески. Го мерат секој збор, зашто им е милениче. Ќе излезе дека тука, во Македонија, е изложен на хајка и од него се прави некаква „бугарофилска жртва“. А, не е така.

Зашто, зборот ми е, како тоа одеднаш, по цели 20 години, на проф. Малески му текна за приказната на претседателот Глигоров? Како професор со децении на Правниот факултет тој не знаел како, по војната, новата комунистичка власт се пресметувала со „петоколонашите“ и „предавниците“, народни непријатели? Не му има кажано неговиот татко Владо Малески, кој меѓу другото е автор на македонската химна „Денес над Македонија се раѓа“? Не прочитал ништо за тоа или немал слушнато?

Искрено, не верувам дека ќе е баш така. Како професор и исклучително начитана личност, тој многу добро знаел за се што се случувало по војната, ама многу полагодно му било, како амбасадорско дете, да ужива во плодовите на комунизмот и самоуправниот социјализам со човечки лик.

За било каква реакција не беше доцна ни откако стана прв министер за надворешни работи на самостојна Македонија во првата експертска влада. Не беше доцна ни откако стана амбасадор во ООН. Но, тогаш молчеше. И слушал приказни од претседателот Глигоров за да може сега да глуми некаква варијанта на македонски Вацлав Хавел. Или, подобро речено, задоцнет „дисидент“. За дисидентство, сепак, треба да се има храброст, а проф. Малески, очигледно, ниту ја имал, ниту ја има.

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.