Алдо Климан

Надворешните и внатрешни поробувачи на Република Македонија и на македонскиот народ имаат сосема предвидливо однесување: веќе знаеме дека секогаш кога нешто ќе се помести во политичкиот живот во насока што не им оговара, штом се очекува нешто да им запне и да им запре, или пак ако треба „свечено” да „прослават” уште некоја своја „нова” „блескотна победа”, тие исфрлуваат куп најевтини комсомолски пропагандни пароли, и даваат емфатични изјави со големи зборови, специјално дизајнирани и милозвучни токму за ушите на оној кутар, навистина сѐ помал, но сѐ уште шашардисан дел на „заевската верна публика”, која исто така има сосема предвидливо однесување и предвидливи очекувања од своите безобѕирни ментори и идеолошко-политички духовници. За првите, пред сѐ за дел од незаситната амбасадорска фела со неограничени, речиси апсолутни овластувања на балкански феудални везири, Македонија претставува жива лабораторија за гмечење, експериментално проучување и докажување на граничните можности на „стокхолмскиот синдром”, т.е. на патолошка восхитеност, зависност и предаденост на жртвата, односно на заевските слепи следбеници, кон своите осведочени злодејци, понижувачи, мачители и ништители.

Во духот на оној (си спомнувате, нели!) хистеричен, ступиден восклик „Време е Македонија да направи историја!” – што врз македонскиот народ и врз сите граѓани на Република Македонија шаренореволуционерно ја искашла заболениот Заев, како и непрегледната низа други негови (земјо голтни ме) „мудрости”, и кај домашните и кај странските „интерпретатори” на евро-атлантски глупости се разви еден страстен, силен „уметничко-филозофски” натпревар, една вистинска пандемија на кажување будалски „мудрости”, „мисли” и „сентенци”, сѐ со намера, како старите мислители и креатори на дамнешната голема светска историја, и тие да се најдат на првите страници на „историјата” што ја „создава” еден најобичен кримоген, аболициран муртински простак, а притоа и сосема луд човек. Тешко е да се рече кој кому притоа му дал поголемо апсурдистанско вдахновение, едни на другите, или секој одделно си се потпира врз сопствениот таков перверзен талент и инспирација. Добро, за странците знаеме, тие самите постојано и многу вешто ги варат таквите отровни пучистички мирудии. Го помниме уште оној доскорешен балкански паша Јоханес Хан што особено се прослави во Македонија со своите плагирани, ленински, но и со своите автентични, авторски, ултра глупави твитови. Тој веќе на голема врата е влезен во горе спомнатата заевска „Историја на глупоста”. Истовремено со него, а и потоа, се редеа тука разни Могериники, Бејлиевци, Жбогари, па оној црн фашист од соседството ни Каракачанов, па бесмртниот мизантроп од јужната најпријателска земја на светов, нераскинлив другар на Заев и на Димитров, и исконски македономрзител Коѕиас, и кој ти сѐ не; навистина им нема крај на тие „големи историски фигури”, па дури ни на најкапацитираните светски компјутерски сервери нема место за толку незамисливи, блескотни „мудрости” и „мудреци”, за толку црна, негативна, антицивилизациска енергија, и за толку многу најординарни глупости – и перфидности, перфидности на тони.

Еве и сега, деновиве, околу приемот на Македонија во НАТО, масовниот глупчо-натпревар продолжува. Повторно се наслушавме сѐ и сешто. Навистина е енормна и непресушна дарбата на подмолноста и глупоста со која располагаат и со која така штедро нѐ честат тие бесмртни заевски „создавачи на историјата на Македонија”. Но, мора да се признае уште нешто: многу се длабоко вовлечени (или пак сосема се дупнати) ушните тапанчиња на сите оние што сето тоа стрпливо го слушаат, и како топло лековито шурупче си го голтаат без да зборнат збор.

Така пред неколку дена американската амбасадорка Брнз, при средбата со полицискиот премиер Спасовски, изјави дека ”влегувањето на земјата во НАТО и патот кон ЕУ им одговара на интересите на Соединетите Американски Држави и на ЕУ”. Колку убаво и колку точно е речено тоа, а нашата „влада” тоа со гордост ѝ го проследи на македонската јавност. За оние што разбираат што значи таа изјава на Брнз – тоа е сосема доволно. А впрочем, што има тука воопшто и да се спомнуваат некакви бесмислени македонски интереси? Тие едноставно „се подразбираат”. Влегувањето во НАТО и патот кон ЕУ не само што сами по себе ја „подразбираат” неизмерната „среќа” на нашата нација и на секој наш човек, туку таа „небеска среќа” иманентно и нераскинливо се содржи и во секоја наша клетка и ѝ дава смисла на постоење; особено кога таа и таква историска мудрост ни доаѓа толку лежерно од речиси веќе анектираното, „американско” Кале во срцето на Македонија, и на Балканот.

Од друга страна, брзајќи да фатат чекор со останатите тркачи во заевскиот олимписки глупчо-натпревар, велекапитулантскиот ЦИА-министер Никола Димитров и големоалбанскиот наш ЕУ-спасител Бујар Османи, и меѓусебно се натпреваруваа кој од нив двајцата, секој на свој начин, посреќно и помудрословно ќе ја формулира следнава лигава фраза: „Коронавирусот ќе помине – но НАТО и ЕУ ќе ни останат вечно”. И има голема вистина во тоа: коронавирусот ќе помине, а вечно ќе ни остане тешката параплегија, општиот државен и економски колапс и национална и идентитетска парализа по велепредавничкиот мозочен и срцев удар што тие, заедно со сета своја заевска, велепредавничка, големоалбанска, и меѓународна безочна и насилна братија ги извршија врз нашата татковина Република Македонија. А за Срамот и Понижувањето до гроб и да не зборуваме!

Хроничната безидејност на заевистите, еве, штотуку, по којзнае кој пат, ја потврди и полицискиот премиер Оливер Спасовски, кој, по кревањето на македонското знаме пред седиштето на НАТО, оној погоре цитиран слоган – бла, бла, бла – го повтори, само во малку уште поразводнета форма. Во тој славенички контекст (а кој си слави нека си слави!) ја слушнавме и најновата ревијална стара глупост од устата на Јенс Столтенберг кој рече: „Договорот од Преспа го овозможи пристапувањето во НАТО и овозможи добрососедски односи и светла иднина за… (и тука во дводелна форма го наведе троделното ступидно име на вештачката заевска државна творбичка). „Вашата напорна работа”, дода тој, „го овозможи овој ден”.

Е, гледате, таа многу напорна работа, како што ја нарече Столтенберг, поради која многу се намачија нејзините извршители, и со која до небо восхитено на сиот глас се пофали и полицискиот премиер Спасовски, повикувајќи го и целиот македонски народ на сеопшт восхит и гордеење, посебно истакнувајќи ги заслугите на Зоран Заев, им беше навистина многу напорна: требаше само да го спроведат она за што беа и инсталирани на власт: да извршат најмизерно државно и национално велепредавство – и таа шарена гангстерска багра крвнички и безобѕирно го направи тоа срамно, криминално дело, и тоа во само неколку супер-брзи велепредавнички потези, без да им трепне окото, и без какво и да е почитување на Уставот, на демократските процеси и на јавно мислење и став за најделикатните, судбински прашања за нацијата и за државата.

Но сето тоа ни е премногу добро познато!

Сепак да се вратиме на главното: за „Кралица на глупоста” и за лауреат на наградата „НАТО-шлем и црна чизма” ја прогласувам нато-фундаменталистката Радмила Шекеринска. Во овие незаборавни свечени НАТО-денови, кога пијано одекнуваат салви од славеничките северџански черешови топчиња и се развејуваат слободоносните НАТО-знамиња, нејзината државничка „мудрост” ги надвиши „мудростите” на сите останати забегани домашни и странски глупсони заедно.

Надреално вдахновена, испијанета од слободарскиот дух што се разлеа над и низ Македонија, понесена од восхитот на неповторливиот историски момент, летната на нежните крлја на НАТО-убавината и хуманизмот, бескрајно исплакани и оплакани од илјадниците невини старци, болни, мајки и деца ширум светот, таа (оф, немам баш убава придавка за неа), таа Шекеринска, на некој си свој заумен НАТО-јазик ја испувна, ја истиша во етер – „тшшшш”, простете – следнава незаборавна „мудрост”:

„Нашите претци се бореа за слобода и за независност – а ние се боревме за НАТО!”

Во превод на нашиот нормален, разбирлив, мајчин македонски јазик, тоа значи:

”Нашите претци се бореа за слобода и за независност – а ние се боревме и се изборивме за ропство!”

Е, оваа голема „лајномисла” или „мувосер” на Шекеринска, со специјален опстипација-фонт ќе биде размачкана како мото на црните страници на општозаевската „Историја на глупоста”. За неа, драги луѓе, ќе се учи во основните и во средните училишта, цели семинари ќе ѝ бидат посветувани на сите можни факултети, а пак разиграните, насмевнати дечиња по градинките, освен што ќе добијат најдетални инструкции како да цртаат најубави и најнежни, цветни НАТО тенкови, топови, ракети и прекрасни атомски бомби, ќе учат и песнички, химни, за тоа колку била тешка велепредавничката борба на неколкуте заевски и големоалбански уличарски неранимајковци, простаци, примитивци и будали за да ни ги одземат славното историско македонско име, нашиот македонски национален идентитет, и слободата и независноста, и да ни го натоварат ова срамно и прескапо, црно ропство.

Но сепак, да имаме и малку разбирање за ситуацијава. Можеби сета оваа импресивна општозаевска глупсологија всушност е само едно итро, државнички добро обмислено сценарио. Зашто, на прагот од започнатата, суперзастрашувачка, длабока и допрва катаклизматично долга општосветска економска рецесија и депресија, предизвикана од пандемијата на коронавирусот, можеби НАТО ќе има добро срце и нема да ѝ ги побара на Шекеринска оние „ситни” 2 насто финансиски обврски од домашниот буџет, со кои толку кабадаиски се ку*чеа таа госпоѓа и црпнатиот Заев, опиено седнувајќи „на иста маса со големите и најмоќните”. Можеби добриот стар пријател на Заев, Јенс Столтенберг, браем поради она нивно заедничко соблазнително, секси-фалоидно „бакнипенкално” искуство, едноставно ќе им се смилува и ќе им се сожали кога ќе види дека не само што нивната „блескотна” „влада” успеала во државниот буџет да направи дветретинско црно дупчиште од цели 3 милијарди евра, туку и оти будалите, кои немаат ни за плати на државните службеници, ни за пензии, немаат ни очи во главата, а пак во главата ниту трошка од она што другите вообичаено го имаат.

Но ако, пак, независно од свечено развеаните знамиња, топовските истрели и излитените политички фрази, не испадне баш така романтично и оптимистично, ако на Столтенберг, да речеме, наеднаш му текне дека и НАТО е во дебела „габула”, како што всушност и е, и оти полнењето на неговиот воинствен буџет ни оддалеку нема да се одвива според очекувањата поради светската рецесија, што веќе опасно надоаѓа и се забревтува, а нејзиниот почеток јасно и недвосмислено го обзнани дури и Меѓународниот монетарен фонд, и која практично веќе ги зафати и „големите и најмоќни” од истата заедничка НАТО-маса на која седеше овој убав северџански глупсонски тандем, е тогаш, да ја парафразирам на ова место онаа друга, поранешна, многу славна „лајномисла” или „мувосер” на Шекеринска кога, по повод ратификувањето на договорот со НАТО во Собранието, агресивно и простачки се закани: „Ај да видам сега кој јунак ќе се најде да го поништува Преспанскиот договор!” – и да ѝ порачам: Ај, фундаменталистерке, да видиме кој северџански јунак сега ќе се најде на извршителот НАТО да не му го плати двепроцентниот воен арач! Зашто, ако не му се платат договорените воинствени евриња, фундаменталистерке, НАТО нема да сака со грчки авиони да ни ја „надгледува” татковината, ниту да ни го „чува небото”, и одозгора, со сета своја застрашувачка „хумана” и „благородна” оружена моќ да нѐ брани нас кутрите македонски граѓани, долу, наземи, од страшниот помор на незапирливиот микроскопски непријател – коронавирусот…

Еј, глупсони, бре!

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.