Васко Шутаров

Доколку Европа беше жена, тогаш Европа ќе беше Симон Вејл! Вака на својот твитер-профил на 15 јули 2019 година, два дена пред изборот за претседателка на Европската комисија, запиша Урсула фон дер Лајен. А неупатените (деновиве меѓу двата круга за локалните избори често употребуван термин), какви, за жал, ги има многу во „прогресивната влада на нашата држава“, може само да се претпостави како реагирале на овој прв поздравен твит на првата претседателка на Европската комисија.

„Кој е бе тај, Симон Вејл? “ Ова прашање од милион долари, тој ден, сигурно не стасаа да си го одговорат првенците од нашата актуелна владина гарнитура, а и медиумите не успеаја пред владините крешенда од повици за европеизација да им го постават како прашање. Претпоставувам заглушени и спречени од силните восклици и повици кои редовно, додуша само декларативно и само како алиби за покривање на стандардните домашни ујдурми, ги слушавме од „најголемиот Европеец“ меѓу сите нас.

А токму поимот алиби би бил добра „квака“, да се отвори темава за Симон Вејл, првата претседателка на Европскиот парламент (1979-1982) а со тоа и темата за учество на жените во политиката од локално ниво, до ниво на најважните и најмоќни контексти на европската и светската политика.

„Честопати се чувствував како жена-алиби. Каде и да одев, слушaв: Да, ние им даваме збор на жените, бидејќи постои Симон Вејл.“

Зошто токму Симон Вејл како симбол на новите европски политики во ерата на новата претседателка на Европската комисија, а не други политичарки од поновата европска политика? Епохата на Французинката Симон Вејл како политичарка се совпаѓа и со ерата на владеење на британската челична лејди Маргарет Тачер и со долгата ера на владеење на германската канцеларка Ангела Меркел, две исклучително моќни политичарки на светската политичка сцена.

Фотографија снимена во јуни 1979 година, Симон Вејл на гласање во Париз на европските избори.
Симон Вејл го преживеала логорот на смртта Аушвиц, а во поствоена Франција ја игра главната улога во легализирање на контрацепцијата и абортусот. Почина на јуни 2017 година на 89 години. Вејл е икона на француската политика и прва претседателка на Европскиот парламент. / AFP PHOTO / PIERRE GUILLAUD

Симон Вејл не беше ниту премиер, ниту претседател на Франција. Својата слава како икона на светската политика ја стекна најнапред како министер за здравство на Франција во периодот 1974-1979 година и како министер за социјална политика од 1993-1995 година. А остана и после нејзиниот живот симбол на три важни маркери и стожерни места на 20 век. Симбол за млада Еврејка која како 16-годишна девојка го преживува нацистичкиот логор на смртта Аушвиц, останува симбол на сеќавањето за Холокаустот, но истовремено и симбол на поддршката за германско-француското зближување во рамките на обединета Европа. Симон Вејл е и симбол за непоколеблива  француска политичарка која успеа правата на жените да ги подигне на највисок пиедестал, успевајќи да се избори како министерка за здравство за правото на абортус во француско законодавство. И симбол за европска политичарка која беше целосно вложена во создавањето на обединета Европа, во која за неа лично, прашањата за паритетот помеѓу мажите и жените во политиката беа во срцето на сите останати прашања за интеграција и социјална кохезија.

Ја исчитувам деновиве уште еднаш нејзината автобиографската книга „Еден живот“ и се исчудувам (отпосле, на типично македонски начин), како од толку многу умни глави во македонските медиуми не му текна на никој да ја праша Урсула фон дер Лајен неодамна во Скопје, што поточно од богатата политичка и академска оставнина на Симон Вејл го смета за приоритетно во водењето на актуелните европски политики. А видовме и слушнавме колку знае да биде спонтана и непосредна, но требаше ли да останеме само со споделените импресии од типот: „Колку ви е убава куќата” и киселата насмевка на актуелниот домаќин на истата, при влегувањето во зградата на македонската Влада?! Ете, барем колку нештата да станеа малку појасни!

Иако прашањата останаа непоставени, за упатените, одговорите за европските перспективи на државите членки како и за државите аспиранти за членство, се вртат околу трите стожерни оски од животниот пат на Симон Вејл, теми кои го обележаа минатиот век, но останаа и понатаму теми околу кои ќе се вртат интегративните процеси во Европа. А тоа се, колку за потсетување, сеќавањето на минатото како предуслов за креирање заедничка иднина, паритетот во односите помеѓу мажите и жените во политичкиот живот, поттикнувањето на интеграцијата и унапредувањето на социјалната кохезија преку постојано унапредување на правата на жените. Доколку Европа беше жена, Европа денес ќе се викаше Симон Вејл, несомнено!

Во врска со сеќавањето и прашањата поврзани со иднината, не еднаш Симон Вејл ги има претставено своите видувања за оваа тема. „Сакав помирување со Германија. Сакав да се случи Европа. Но под услов, никогаш да не се заборави!“ Или признанието:„Работењето за Европа ме помири со 20 век“. А во еден друг контекст и често цитираната и позната мисла: „Не ми се допаѓа изразот, должност е да се сеќавам! Овде на поимот должност сметано како обврска, воопшто не му е местото! Суштински важна работа е должноста да се предава, да се пренесува. Таму, мора да постои должност!“ Урсула фон дер Лајен, но и плејадата модерни европски политичари многу добро ја познаваат комплексноста на минатото и историјата, сеќавањето и градењето европски перспективи. А, свесни ли се за леснотијата со кои ги третираат темите од колективната меморија и заборавањето, моменталните станари од „Убавата Куќа” на Илинденска бр.2? „Еден народ за да живее, мора секогаш да го знае своето минато, да го ревалоризира и да го прифаќа“, да беше жива вака ќе им укажеше на сите инстант и квази-Европејци, Симон Вејл.

Во врска со интегративните процеси и социјалната кохезија, Вејл останува запаметена и по брилијантни мисли кои ги следат и новите европски политики. „Сѐ додека се сложуваме, негуваме исти вредности, ние можеме да живееме заедно!“, тоа е споделена вредност која и актуелната европска постава политичари ја презема од Симон Вејл. Но, дали македонската власт разбира колкава е тежината на предупредувањата на Симон Вејл, дека: „Народ кој не е охрабрен да го најде своето единство, а еден ден и својата хармонија, ќе биде осуден на драматична судбина, ќе биде зависен и нема да може да очекува помош од меѓународната правда да ги решава неговите проблеми“. Чувај нѐ Боже од слично такво разбирање и знаење!

А во врска со постојаното унапредување на правата на жените, Симон Вејл остави можеби и најимпресивно наследство. Ќе повторуваше и неброени  пати за подобро да ја разберат: „Јас не сум принудена и нема да се прилагодувам и покорувам на машкиот модел“. Нејзиното професионално посветување на правата на жените може да се сведе и во само една нејзина позната изјава: „Шансите за жените доаѓаат премногу од случајности, а помалку од закони или од воспоставени правила на игра. Спротивно на тоа, јас сум силно убедена дека општеството може да има само корист од намалувањето на нееднаквостите што ги трпат жените“. Или моќниот цитат кој можеби и најмногу ја одредуваше како личност, да пркоси и да се бори за правата на различните: „Мојот прв инстинкт е секогаш да кажам не!“

И зарем има потреба од  дополнителни објаснувања за тоа кои темелни вредности стапуваат највисоко на пиедесталот на актуелните европски политики, кога токму Симон Вејл е апострофирана за икона, симбол на другоста и другото име на Европа? Зарем и пораките од завчерашното последно интервју на Ангела Меркел пред нејзиното политичко пензионирање, каде силно ги потенцира токму родовите прашања и родовата еднаквост, не се доволно силен аргумент за тоа каков аманет и политички тестамент остава досегашната најмоќна жена во европската политика? „Само мажи, тоа веќе не му доликува на нашево време?! Сите подеднакво мора да работиме на тоа жените да имаат поголема самодоверба! Затоа жени, одважете се!“

И зарем треба некоја специјална мерна единица да ги одреди векторите на приближување или одалечување од овие вредности кои во моментов се највисоко позиционирани на европскиот приоритетен дневен ред? Оттука ли доаѓа хистеријата помеѓу двата круга од македонските локални избори, кога со ништо непредизвикана (освен од очигледното губење на поддршката од граѓаните), власта очајно крикнува по стандарната мантра, дека ќе се изгуби и прогресот и европската иднина, ако ги изгубиме нив, како „најпрогресивни Европјани“, меѓу сите нас?! Боже прости им, не знаат ни што зборуваат, ни што прават!

И ако само за момент ги заборавиме сите останати промашувања во освојувањето на европските вредности, а се задржиме само кон погоре споменатите стожерни вредности прокламирани од Симон Вејл и актуелизирани од Урсула фон дер Лајен и ги споредиме со однесувањето на актуелната македонска власт меѓу двата круга од локалните избори, што да кажеме?! Кога „најпрогресивниот меѓу нас“ ќе ù покаже „Еве ти го, на! “ на кандидатката за градоначалник  на македонската метропола или кога неговите први соработници и медиумски перјаници ќе ја атакуваат со најбрутални изливи на сексизам и класична мизогинија. Или кога истиот тој, „прогресивецот“, најагресивно ќе го закрвавува и онака поделеното општество и ќе повикува на обединување против „граѓаните на злото“ или „варварите кои работеле против него“ кои (гледај чудо!) уште се живи, па уште се дрзнале да прокламираат европски вредности дома! И тоа без него…

Или кога во извештајот на ОБСЕ токму по првиот круг од локалните избори ќе се забележи видливо потенциран проблем, дека жените не биле доволно застапени во кампањата, која патем ја карактеризирала и негативна реторика кон жените. Или кога само неколку месеци пред тоа, првите луѓе на американскиот НДИ по повеќегодишни силни вложувања во родовото сензибилизирање во македонската политика ќе ви кажат: „Време е за промени! Време е Македонија да ја достигне Европа! Жените не се повеќе задоволни од тоа да бидат носители на позиции, туку сакаат да бидат дел од големата слика“.

И затоа Скопје, Градот на солидарноста ќе добие градоначалничка! Тоа ќе биде првата поголема и позначајна политичка функција во државата што ќе ја води жена и несомнено, ќе биде првиот јасен сигнал испратен до Европа и светот, дека во годината на прославување 30 години независност, граѓаните и општеството јасно ги препознале и се одредиле за вистинските европски вредности, подобро и попогресивно од власта која само со својата пропагандна обланда се промовираше за таква. На Скопје му треба Данела Арсовска за вистински да креира град на солидарност, град без предрасуди и стереотипи. На скопски Центар му треба проф. Наташа Котлар, не само за да се комплетира големата слика за добриот паритет на мажите и жените во политиката, туку и за да се зачува културата на сеќавање по европски терк.

И затоа, од „убавата куќа на Илинденска“, набргу ќе се иселат актуелните станари. Паднаа на сите прашања за кои граѓаните очекуваа решенија и одговори. А да биде иронијата на епскиов пад уште поголема, паднаа најмногу во неодговарањето на основните европски прашања, кои можеа да ги пронајдат уште со првата порака на Урсула фон дер Лајен за Европа и нејзината старо-нова икона, големата Симон Вејл.

……….

„Е кој беше тај Симон Вејл, де“, можеби и ќе се праша некогаш Заев. „Најдоброто што Франција ѝ го дала на Европа“, еднаш веќе кажа, ама кој да го слушне и разбере Емануел Макрон. „Најголемата француска инспирација беше и остана Симон Вејл!“

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.