Васко Шутаров

Цели тригодишни доба сме во силно очекување на формирање нова влада. Ја заборавивме веќе и зимата и ланскиот снег, откога започна оваа голгота наречена избор и формирање нова влада. И конечно, исцртани се контурите на новата власт, објавени се носителите на најважните државни функции. Истите оние што нè доведоа до ова дереџе, се подготвуваат за ново владеење. Во еден апсолутно романтичен политички набој, пред конечното отворање на новиот салон за разубавување на „Илинденска“ број 2. Разубавувањето на нашите животи само што не почнало со работа. И тренингот за нов турнус идолопоклонство и поданички дух, кои ќе бидат во служба на „новите политики”. Преку нова пропаганда, со старите добро проверени дози на фасцинации од новите технологии за разубавување на стварноста. Имаат политички талент за тоа. Типична новокомпонирана политика на стероиди и силикони. Нешто на мускули, нешто со извештачена насмевка. И очекува некој, длабоки реформски зафати, од веќе зацртанава и веќе во пракса потврдена политика изградена на политичка козметика и вербална гимнастика? Од која и последната надеж избега, од крајот на тунелот. Со трубите и чочеците, од првата година на владеење во првиот мандат кои и овојпат ќе ги има, за да биде народот и мирен и подмирен со точно дозирани третмани со леб и игри. И некое студено пиво. За да се наздрави за новиот предбрачен коалициски договор. Пополнет со три црвени линии и една најнова, жичена ограда од надвор. И, за ново исцртување на картата на меѓусебна поделба на интереси дома.

Култ на сличноста

Политички коректно и џентлменски е да не се критикува нешто на кое допрва треба да му се даде шанса за покажување на своите компетенции. Но, бидејќи во новава власт скоро сè е старо, а со господството во политиката одамна имаат расчистено, да си кажеме веднаш кои се нашите вистински очекувања од нив. Најпрво, уште со првиот заеднички настап на двајцата политички лидери-столбови на идната власт, јасно како ден станува дека и со новата влада, култот на лојалноста кон лидерите на партиите надвладеал над култот на компетенциите. Веќе никој не се обидува ни да крие дека долгото натегање во преговорите на досега владејачките партии е само една политичка мелодрама во која е најважна распределбата на колачот. Кој и чиј човек ќе приграби одредено парче од победничкиот колач. И толку! Сè друго е работа на идниот салон за разубавување на реалноста, кој ќе треба да нè разубедува дека сега станува збор за нови принципи на работа, од доминантниот и просто видлив за секое голо, принципот на лојалност кон лидерите и влијателните моќници блиски на лидерот. Патем здушно поправајќи ги слабостите, незнаењето, гафовите на првоизбраните државни функционери, по можност за секоја од тие дубиози, опозицијата да биде обвинувана. Салонот за разубавување ќе го негува и понатаму култот на личноста и тука нема да има никаква суштинска промена. Продолжуваме со тој култ на сличноста, како по стар добар алгоритам.

Старите алгоритми на владеење во ново пакување

Ќе продолжат таму каде што застанаа, со своите стари испробани алгоритми на владеење. Во тоа да не се сомневате! Прстот на власта попрво ќе го осети секој. Отколку што секој ќе осети грст правда и правдина. Социјализација на загубите и штетите што веќе ги носи пандемскава нова нормалност, ќе паѓаат и понатаму на товар на сите нас. А товарот од приватизација на (при)добивките од владеењето ќе си го споделува кругот најлојални и беспоговорни извршители од власта. Тој стар и проверен алгоритам на владеење што го живеевме и досега. Зарем покачувањето на акцизата на горивата и електричната енергија во време на здравствена и економска криза не ви се доволен показател за тоа? Или сите досегашни и нови задолжувања во најава кои ќе ги исплаќаат неколку наредни поколенија? И, мислите си веруваат на сопствените принципи што ги декларираа со објавата за официјализирање на договорот за ново владеење? Како на пример, за родовата еднаквост, што така свечено ја издекларираа? Додека истовремено, дури три партии што го чинат костурот на власта не предложија ниту една жена министер? Мислите имаат знаење, стратегија, програма или рамка за владеење и надминување на состојбата со актуелниве животни дна во кои сме втурнати? Да умееја, нешто и досега ќе стореа.

Ренесансните умови на новата власт

Само ренесансен ум од профилот на еден Леонардо да Винчи можел да биде брилијантен во повеќе научни области. А кодот на нашава нова власт ни открива дека такви брилијантни умови има и за извоз, ете и во нашата нова власт. И, затоа еден социолог од невладиниот сектор, салонот за разубавување на стварноста ќе нѐ убедува дека бил брилијантен во ресорот труд и социјала, па  ништо помалку успешен како надлежен втор човек во техничката влада за економија, па во ресорот образование и наука. Еден друг ренесансен гениј, има неполни 45 години и цела гама од најважни државни функции како за пет животни века. Од прв човек за евроинтеграции до прв човек за економија, па одбрана, а сега и финансии. Трет ренесансен профил на министер, уште помлад од вториов, но со највисоки државни функции исто како за пет животи, елегантно се вози од ресорот здравство, преку секторот за евроинтеграции, па во ресорот надворешни работи. Патем, инспекторирајќи во слободно време, час двојазични табли, час состојби на терен со актуелнава пандемија. Ренесанса ќе донесе сигурно и борбата против корупцијата, за која ќе биде задолжен доскорешен министер за земјоделие, еден специјалист интернист во ресорот труд и социјала и еден историчар во ресорот култура, неколкумина вечни министри веќе ротирани во различни ресори и дури еден нов лик, од струшкиот Водовод, за прв човек на ресорот администрација и информатичко општество. Ама бил човек од доверба на струшкиот градоначалник! Градот што заедно со Охрид, доживува ренесанса – во дивоградбите, првенствено. И ќе очекувате од вакви ликови, што не умееле да кажат „не шефе, ќе се држам јас до моите компетенции, стручност и знаење”, да уважуваат критичко и стручно мислење за нивната работа? Да ангажираат професионалци и компетентни лица, што би ги советувале во нивната ресорска работа? И нормално дека ќе ангажираат блиски интелектуалци на себе, само што ќе очекуваат и тие да им кимаат со глава и да им аминуваат и што треба и што не треба, со „ да Шефе, најдобро е така”! Е, затоа државата и триесет години од својата независност, нема да успее да го доживее својот препород и вистинска ренесанса. И поради вакви, самобендисани сезнајковци, кои својата лојалност до коска кон своите партиски лидери ќе умеат совршено да ја вклопат со управувањето на државниот колач, за партиски и лични интереси. И совршено ќе работат само на едно, бркање што подалеку од себе и што подалеку од државата на десетици, стотици илјади интелектуалци и млади стручни луѓе, кои мислат поинаку. Познавам барем десетина, кои овој период дури трае драмава околу составот на новата влада, бркаат документи и се пакуваат, за пат што подалеку одовде.

Македонија е убава кога е гневна

Ми текнува на едни протести против корупцијата во Турција, пред години и на еден транспарент „Турција е убава кога е гневна“. Македонија е преубава кога е гневна, иако таква не била одамна. А можевме, да имавме достојни политички првенци кои ќе го надвисат и надраснат хоризонтот и ќе гледаат подалеку од својот џеб, да си ја средиме еднаш и засекогаш. И сега да не зборуваме за гнев и губење на сите надежи, туку за мала држава завртена најнапред кон себе, која функционира ефикасно и просветено како држава. Мала, но функционална. Држава која требаше да понуди една здрава и трајна рамка, која на луѓето ќе им даваше цврсти упоришта, сигурност и безбедност, за нивната работа и нивните животи. Имавме добри триесет години за тоа, да создадеме систем во кој капитална вредност ќе беше дека само создавањето носи вредност и смисла. А не чекањето прав момент, нешто да се прераспредели и приграби. Полесно е да се пљачкаат каравани, отколку да се ткае свила! Можевме, но не успеавме, сами да си ја поставиме цврсто рамката за наш сопствен развој. Затоа како невиден успех ќе биде прикажувана преговарачката рамка што ЕУ ни ја подготвува од есенва. И во која може на крајот од тој долг преговарачки процес, да видиме некое светло на крајот од тунелот. А досега требаше токму таа рамка, во која еднаш и засекогаш трајно ќе беа вградени принципите за еден непристрасен и фер натпревар, на конкурентни и компетентни, да си ја одредиме сами. Рамка, која ќе беше доволно широк мегдан и поле во кое пчелите сами ќе носат мед. За таква рамка, каква што уште од првиот ден на осамостојувањето направија Словенците со кои повеќе од шест децении делевме иста судбина, нас допрва ќе нè подучуваат, од есен, со старо-новава власт. Ќе нè подучуваат и патем удираат по прстите, кога повторно по стара добра навика, ќе им се фрла шеќер на пчелите. Па ќе касаат по прстите. По непоправливиот прст на власта, навикнат прв и последен да брцка во најслаткото во рамката.

Ќе збеснат ли еднаш и пчелите од родот наш? За да ја видиме Македонија во сета своја убавина?  Колку поскоро таква убава, толку подобро за сите нас! Бидејќи најмалку две третини од активното гласачко тело, уште со првите денови од новото владеење, го следи неверување дека ќе остане нешто свето, што не е бруто и нето, а што може да биде важен принцип на работа на старо-новава власт.

 

 

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.